Виктор Бут/Фото: Принт-скрин

„Господар на војната“ и „Бил Гејтс во трговијата со оружје“, се дел од прекарите на рускиот трговец со оружје Виктор Бут, кој повторно е во фокусот на јавноста по известувањата дека САД предложиле тој да биде дел од размената на затвореници за американската кошаркарска ѕвезда Бритни Грајнер и за поранешниот маринец Пол Вилан, кои моментно се зад решетки во Русија, пишуваат светските медиуми.

Поголемиот дел од младоста на Бут е обвиен во мистерија. Тој поминал одредено време во служба на армијата на СССР, работејќи како преведувач во Ангола во доцните 80-ти години на минатиот век, стигнувајќи до чинот на поручник, како што пренесува „Гардијан“.

За него првпат се дозна во турбулентниот период по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година, кога ја почна кариерата на трговец со  оружје благодарение на пристапот до вишокот залихи на оружје од советската ера. Се верува дека тој е одговорен за вооружувањето на талибанците и Северната алијанса во Авганистан, Револуционерниот обединет фронт во Сиера Леоне, како и на други групи во Либерија, Ангола, Конго и на Филипините.

Бут со текот на времето стана еден од најбараните луѓе на светот поради бројните меѓународни потерници за негово апсење. Во 2002 година „Лос Анџелес тајмс“ пишуваше за него, при што искористи цитат од претставник на американските власти, што го опишал како „Доналд Трамп или Бил Гејтс во трговијата со оружје“. Се верува дека филмот „Господар на војната“ од 2005 година, со Николас Кејџ во главната улога, во одредена мера е базиран врз животот на Бут. За него е снимен и документарец во 2014 година, насловен „Озлогласениот господин Бут“.

Русинот бил упасен во луксузен хотел во тајландски Бангкок во 2009 година, кога во американски агенти се претставиле како членови на колумбиската герлиска група ФАРК, при што го снимиле како се обидува да продаде оружје. Четири години подоцна, во Њујорк бил осуден на 25 години затвор.

Бут досега помина 12 години зад решетки во САД, додека руските власти во повеќе наврати апелираа за негово ослободување.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакна дека ќе го искористи планираниот телефонски разговор со Сергеј Лавров за да го притисне шефот на руската дипломатија да одговори на „значајната понуда“ од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден до Москва, за да обезбеди ослободување на американските државјани Грајнер и Вилан.