Фото: Пиксабеј

Поранешниот претседател на Советскиот сојуз, Михаил Горбачов, коментирајќи ги актуелните случувања на релација НАТО-Украина-Русија, ги обвинува Соединетите американски држави дека преку тие спорови, како што вели, „сакаат да изградат нова империја“.

Ова Горбачов го вели во интервјуто за руската државна новинска агенција РИА Новости, објавено вчера, а во пресрет на денешната 30-годишнина од неговата оставка од функцијата претседател на СССР, а чии делови пренесоа голем број светски медиуми.

– Соединетите американски држави станаа арогантни и самоуверени по распадот на Советскиот Сојуз. Не помалку важна работа е труимфалистичкото расположение на Западот, особено на САД – вели Горбачов во интервјуто и додава: „Ароганцијата и самодовербата им се удрија од глава“.

Тој ги поздрави претстојните безбедносни разговори меѓу Москва и Вашингтон, поттикнати од засилувањето на присуството на руската војска во близина на украинската граница, и вели дека се надева оти ќе има позитивен исход од тие разговори.

Сега 90-годишниот Горбачов поднесе оставка како претседател на Советскиот Сојуз на денешен ден, 25 декември 1991 година, неколку дена откако лидерите на Белорусија, Русија и Украина изјавија дека СССР повеќе не постои.