Соседите на Авганистан и странските сили не се заинтересирани за поттикнување поширока граѓанска војна со вооружување на силите на отпорот. Тие повеќе сакаат Владата во Кабул да биде доволно стабилна и да ги олесни напорите на меѓународната заедница за решавање на хуманитарната криза, која ќе го спречи новиот бран бегалци. Наедно, меѓународната заедница сака да ги спречи заканите од нови милитантни групи во Авганистан, велат меѓународните експерти

Една година по освојувањето на власта, кампањата што ја водеше талибанската власт ја изгуби моќта

Една година по симнувањето на меѓународно признаената авганистанска влада, талибанските сили ја консолидираа власта во оваа земја. Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август 2021 година, враќајќи го тврдокорното движење на власт во Авганистан, речиси 20 години откако беа соборени од американската инвазија по нападите на 11 септември 2001 година. Новата власт, предводена од претставници на екстремистички групи, воспоставија монопол врз општествените текови во Авганистан, а повеќето етнички и политички групи беа ставени под контрола. Минатата недела талибанската власт спречи одржување протести на жените што бараа повеќе права за припадничките на понежниот пол. Во Авганистан се ограничени и правата на слободно информирање за состојбите што владеат во оваа земја, по долгогодишното војување.
Кампањата што ја водеше талибанската власт ја изгуби моќта и сѐ уште не воспоставила целосна контрола, поради постојаните конфронтации со ривалските групи, како што е Исламската држава Корасан (ИД-К). Експертите посочуваат на најголемата закана за талибанците, а тоа е растечкото неединство. Расколите меѓу различните групи продолжува, а во исто време спротивставените фракции се борат за политичка моќ и контрола на економските ресурси.
Ниедна држава не ја призна новата власт во Авганистан, но меѓународните сили од Западот продолжија да комуницираат со екстремистичката група за да се спречи поголема хуманитарна катастрофа во земјата.
– За талибанците, важно е тоа што моментално владее еден режим во изминатите четири децении, кој има контрола на целата земја – вели Сами Јусафрази, авганистански новинар.
Според него, талибанската доминација, најверојатно, ќе спречи граѓанска војна, како онаа од 1990 година, кога соседните земји ги вооружуваа сепаратистичките авганистански фракции, кои држеа различни делови од земјата. Од минатата година, помали вооружени групи ѝ се спротивставија на талибанската власт, во различни делови од Авганистан, но тие останаа слаби, поделени и без поддршка однадвор, велат експертите, пренесува Радио Слободна Европа. Како што вели Марвин Веинбаун, директорот на авганистански и пакистански студии на Блискоисточниот институт од Вашингтон, овие групи претставуваат „повеќе непријатност отколку реална закана за талибанскиот режим“.
Групата што дава најголем отпор е Националниот фронт на отпорот (НФО), кој го предводи Ахмад Масуд, син на поранешниот муџахедински командант Ахмад Шах Масуд, кој како своја база на дејствување ја користеше долината Панджшир во северен Авганистан, кој се бореше против советските сили во 1980 година, а подоцна и против талибанците. Соседите на Авганистан и странските сили не се заинтересирани за поттикнување поширока граѓанска војна со вооружување на силите на отпорот.

– Тие повеќе сакаат Владата во Кабул да биде доволно стабилна и да ги олесни напорите на меѓународната заедница за решавање на хуманитарната криза, која ќе го спречи новиот бран бегалци. Наедно, меѓународната заедница сака да ги спречи заканите од нови милитантни групи во Авганистан – вели Веинбаун.
Приврзаниците за заштита на човековите права ја обвинуваат талибанската власт за изрекување вонсудски пресуди, произволни апсења, насилни грабнувања, мачење и изнудување признанија со мачење, а сето тоа било насочено кон намалување на влијанието на опозицијата. Како најчести жртви биле активистите за човекови права, за правата на жените, новинарите и интелектуалците.
Во исто време, фракциите на власта се борат за контрола на економските ресурси. Талибанците, кои најчесто потекнуваат од Паштуните, се поделени по етнички линии, регионално и племенски. Постои и поделба меѓу релативно прагматичните талибански политички фигури и тврдокорните командири на теренот и радикалните верски водачи, кои се заговорници на фундаменталистичката интерпретација на исламските закони.
Американскиот напад на беспилотно летало во Кабул во кој е убиен лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахри, ги поткопа напорите на авганистанските власти да обезбедат меѓународно признавање. Овој настан ги одложи преговорите меѓу американските официјални служби и талибанците за замрзнатите 3,5 милијарди долари што ги поседува авганистанската Централна банка.
Талибанците „не успеаја да воспостават инклузивен политички систем“, обвини Европската Унија во пресрет на првата годишнина од владеењето на тврдокорното исламистичко движење.

– Населението, вклучувајќи ги етничките и религиозните групи, а особено Хазарите и шиитското население, се соочува со институционализирана и системска злоупотреба на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права – рече Набила Масрали, портпаролка на ЕУ за надворешни работи.
Една година откако талибанците се вратија на власт во Кабул, поранешен висок американски дипломат, кој преговараше и потпиша контроверзен мировен договор со групата, даде свое мислење за тоа зошто договорот не успеа да обезбеди помирување меѓу Авганистанците. Во интервју за Радио Слободен Авганистан на РСЕ, Залмај Калилзад разговараше за различни аспекти од договорот од февруари 2020 година со талибанците, кој го отвори патот за целосно повлекување на американската војска од Авганистан во замена за гаранции за борба против тероризмот на талибанците и договор за одржување мировни преговори со прозападната авганистанска влада. Тој го опиша како „историски“ договорот од Доха што го потпиша како претставник на САД со главниот преговарач на талибанците, Мула Абдул Гани Барадар, во главниот град на Катар.
Рускиот амбасадор во Кабул, Дмитриј Жирнов, изјави дека соработката со талибанците е неопходна онаму каде што е во интерес на Москва.
– Талибанците, без разлика како се однесувате кон нив, се реалност што не можете да ја избегнете. Затоа мораме да соработуваме со нив онаму каде што тоа им одговара на нашите интереси и каде што се бара да се решат задачите со кои се соочува Русија – изјави Жирнов во интервју за РИА Новости, пренесе „Гардијан“.