Фото: Принт-скрин

Aртилерискиoт ракетен систем со висока мобилност („ХИМАРС“) стана барано оружје на источното крило на НАТО, откако неодамна ѝ беше доставен на Украина од страна на САД. Полска и балтичките држави излекоа заклучоци за ефективноста на оружјето од војната во Украина и сега нарачуваат вакви ракетни системи во вредност од стотици милиони долари, пишуваат светските медиуми.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак во мај соопшти дека побарале 500 лансери „ХИМАРС“ како и муниција. Естонија планира да купи шест лансери и муниција во вредност од 500 милиони долари, како што месецов посочи американскиот Стејт департмент, додека и Летонија неодамна го обзнани барањето за купување на лансери и ракети вредни 300 долари. Се очекува наскоро и Литванија да упати слично барање, според информациите на „Ал Џезира“.

Летонија и Естонија разговараа за набавка на најнови ракети со домет од 300 километри, за кои се проценува дека од овие две балтички држави можат да стигнат и до руска територија. Од Полска и литванските граници, пак, би можеле да целат и кон Белорусија.

Украина го користи системот „ХИМАРС“ од 25 јуни, при што западните експерти и медиуми постојано ја нагласуваат неговата успешност во војната против Русија. Украинското министерство за одбрана тврдеше дека успеало да уништи 30 логистички положби зад непријателските линии до 16 јули, а изворите на Пентагон изнесуваа информации за 100 погодени цели со „ХИМАРС“. Кремљ ги негираше овие тврдења, истакнувајќи дека руските сили погодиле складишта за муниција за „ХИМАРС“ во Украина.

Пензионираниот австралиски мајор-генерал Мик Рајан верува дека „ХИМАРС“ ги „сменил прогнозите за боиштето во борбата за Украина“, а пензионираниот американски генерал Марк Хертлинг го смета „ХИМАРС“ за пресвртница во војната, што на Украина ѝ овозможил да стекне предност.

Воените експерти и покрај пофалбите предупредија дека „ХИМАРС“ не е „сребрен куршум“, поради малиот број на системи што се употребуваат. САД на 20 јули соопштија дека ќе испратат дополнителни четири системи во Украина, со што нивниот број ќе достигне 16, додека целта е да се дојде до бројката од 20. Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников неодамна истакна дека на Уираина ѝ се потребни 100 лансири за „ХИМАРС“ за да гие врати териториите што се под контрола на Русија. Се очекува оружените сили на САД годинава во арсеналот да воведат и пософистицирани ракети за системот „ХИМАРС“ со досег од 500 километри.