Фото: Принт-скрин

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги пристигнаа денеска со воз во Киев, на заедничко патување кое треба да ја нагласи нивната поддршка за Украина во војната со Русија.

Француските медиуми прикажаа видеоснимка од ноќниот воз кој пристигнува во главниот град на Украина со европските лидери.

Лидерите на трите најголеми земји на Европската Унија се очекува денеска да ја покажат својата поддршка за Украина за време на нивната посета на Киев, непосредно пред одлуката на Брисел за статусот на украинската кандидатура за членство во Европската унија.

Нивната посета, која не беше официјално најавена од безбедносни причини, доаѓа еден ден пред Европската комисија да даде препорака за статусот на Украина како кандидат за членство во ЕУ.

Посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги беше подготвувана со недели. Се смета оти тројцата лидери сакаат да ги отфрлат критиките во Украина за начинот на кој реагираат на војната, јави ДПА.

Францускиот претседател вчера во Романија изјави дека е време Европа да ја увери Украина во нејзината европска перспектива.

– Дојдовме до точка кога ние како Европејци мора да испратиме јасен политички сигнал до Украина и нејзиниот народ, кој херојски пружа отпор – рече Макрон.

Киев ги критикува Франција и Германија, а во помала мера и Италија, за одложување и неуспехот да ја обезбеди бараната помош, испраќајќи оружје и ставајќи го својот просперитет на прво место, наместо слободата и безбедноста на Украина. Оваа недела, Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави за „Билд“ дека се плаши оти тројцата лидери ќе сакаат да извршат притисок врз Киев да го убедат да прифати мировен договор поволен за рускиот претседател Владимир Путин.