Цените на куќите вртоглаво пораснаа во Европската Унија (ЕУ) во текот на изминатата деценија, далеку над стапката на раст за изнајмување. Новиот извештај на „Евростат“ покажа дека меѓу 2010 година и четвртиот квартал од 2021 година, цените на куќите се зголемиле за 42 отсто, додека цените за изнајмување се зголемиле во просек за 16 отсто. Најголем раст е забележан во Естонија со +156 отсто, во Унгарија со +128 отсто и во Луксембург со +124 отсто, што е повеќе од двојно за десет години за просечни трошоци за цените на куќите.
Европа е длабоко во станбена криза. Идните сопственици на домови треба да се справат со зголемените трошоци за живот, што им отежнува да заштедат за сè поскапите недвижности. Ова е една последица од пандемијата, во која многу луѓе со послабо платени работни места ги загубија своите приходи. Според „Еурактив“, ова особено се чувствува во поранешните комунистички земји, кои сега се дел од Унијата и кои некогаш важеа за лидери во социјалните станови, но градовите како Прага, сега ги гледаат ефектите од приватизацијата. Зголемените цени најтешко ги погодуваат групите со најниски приходи, што, според ОЕЦД, „им го отежнува патот на луѓето да стигнат до свој дом, што влијае на способноста на семејствата со пониски и со средни приходи да акумулираат богатство и да им го пренесат на идните генерации“.
Економијата на изнајмување исто така е дел и од оваа криза, при што Естонија, Литванија и Ирска забележаа дека цените за изнајмување се зголемуваат со уште побрзо темпо на оние на нивните пазари за домување. Во меѓувреме, само три земји забележаа намалување и на цените на домовите и на трошоците за изнајмување од 2010 година, а тоа се Кипар, Италија и Грција.