Фото: пиксабеј

Во Шпанија се појавија неколку големи пожари, а состојбата во земјата е комплицирана поради сушата и високите рекордни температури и ветерот.

Најпогодени од шумските пожари се областа на градот Замора, во близината на границата со Португалија, и Каталонија, во источниот дел на земјата. Нема информации за жртви. Регионалната влада на Кастилја и Леон, провинцијата во која се наоѓа Замора, соопшти дека горат речиси 20.000 хектари во Сиера де ла Кулебра.

Во Каталонија пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот во Балдомар, но нивната работа е комплицирана од жештините и силниот јужен ветер. Во Толедо, југозападно од Мадрид, повеќе од 3.000 луѓе беа евакуирани од тематски парк поради шумските пожари што се приближија до паркот.

Изминатиот викенд температури од 40 до 42 степени ја зафатија Сарагоса, во североисточниот дел на земјата, во Навара и во регионот Ла Риоха на север – соопштија синоптичарите.

Ова се највисоките температури во последните децении за овој период, пред почетокот на летото.

Делови од Западна Европа за викендот беа зафатени од екстремни горештини, кои се предизвикани од жежок бран на воздухот од Африка.

Во Франција и во Шпанија се соборени температурните рекорди за ова време од годината, а болниците и електроенергетските мрежи се најдоа под притисок. Метеоролозите во Франција предвидуваа дека температурите во некои делови од земјата ќе достигнат 42 Целзиусови степени.

Научниците предупредуваат дека климатските промени предизвикуваат вакви периоди на интензивни горештини да се појавуваат сѐ порано и сѐ поинтензивно.
Топлинскиот бран што ја зафати Франција е најраниот таков бран од почетокот на мерењата во 1947 година – објави француската државна метеоролошка агенција.
Земјоделците во Италија предупредуваат на влијанието на сушата врз родот. Нивоата на водата во реката По паднаа за 75 отсто во однос на просекот.