Фото: Архива

Земјите-членки на Европската унија постигнаа политички договор за вонредни заштеди во потрошувачката на гас во текот на претстојната зима, соопшти Советот на Европа.

Договорено е од 1 август 2022 до 31 март 2023 година потрошувачката на гас да се намали за 15 отсто, се вели во соопштението.

Министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ на состанокот во Брисел постигнаа договор, за вонредни заштеди во потрошувачката на гас во услови на можен целосен прекин на снабдувањето со овој енергенс од Русија за земјите-членки.

– Ова не е невозможна мисија. Министрите постигнаа политички договор за намалување на побарувачката за гас пред претстојната зима – објави чешкото претседателство со Советот на ЕУ на Твитер.

Земјите-членки на ЕУ се согласија да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти од 1 август 2022 година до 31 март 2023 година, во однос на просечната потрошувачка во последните пет години, со можност сами да одлучат како ќе го направат тоа, соопшти Советот на Европа.

Европската комисија минатата недела предложи кризен план кој предвидува итни мерки насочени кон енергетската безбедност на целата ЕУ во случај на „веројатното сценарио“ Русија целосно да го прекине снабдувањето со гас за земјите-членки.

Урсула фон дер Лајен ја поздрави политичката одлука на Советот на ЕУ со која се прифаќа предлогот за намалување на потрошувачката на гас во Европа.

– Се работи за одлучен чекор во соочувањето со целосен прекин на снабдување со гас. Благодарение на денешната одлука, Европа е подготвена да се справи со својата енергетска безбедност како Унија – рече Фон Дер Лајен.

Претседателката на ЕК во писмена изјава потсети дека Советот на ЕУ постигна договор во рекордно време, врз основа на предлогот на Комисијата насловен „Заштедете гас за безбедна зима“.

– Колективната заложба за намалување за 15 проценти е многу значајна и ќе ни помогне да ги наполниме складиштата пред зимата – наведува Фон Дер Лајен.

Таа додаде дека усвоениот предлог, кој предвидува можност за прогласување „вонредна состојба во ЕУ“ што ќе предизвика задолжително намалување на потрошувачката на гас во земјите-членки, дава силен сигнал дека ЕУ ќе направи сè што е потребно за да обезбеди безбедно снабдување и заштита на потрошувачите, без разлика дали се домаќинства или индустријата.