Фото: Пиксабеј

Европската Унија подготвува нови санкции за продажба на руска нафта и се надева дека ќе усвои ембарго на следниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, изјави шефот на дипломатијата на Унијата, Жозеф Борел.

Европската комисија, извршната власт на Унијата, се очекува да предложи пакет санкции на ЕУ оваа недела, вклучително и потенцијално ембарго за купување руска нафта – мерка што ќе ја лиши Москва од голем прилив на приходи. Сепак, многу земји од ЕУ се скептични.

Борел кој претседава со состаноците на Советот, рече дека се надева оти ЕУ ќе може „да преземе мерки за значително да го ограничи овој увоз“, но призна дека сите членки досега не се согласуваат, според „Гардијан“.

– Но, јас сум убеден дека, барем што се однесува до увозот на нафта, овој договор ќе биде возможен од сега до следниот состанок на Советот – додаде тој.

Германија соопшти дека е подготвена да го поддржи сегашното нафтено ембарго на ЕУ.

– Успеавме да дојдеме до ситуација Германија да го издржи ембаргото за нафта – изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Оваа европска земја е најголемиот потрошувач на руска енергија и за неколку дена би можела да ја лиши Москва од голем прилив на приходи.

Словачка ќе инсистира да биде изземена од ембаргото за купување руска нафта доколку руската нафта биде санкционирана од 2023 година, изјави вицепремиерот и министер за економија Ричард Сулик по вонредниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ.

Според него, непречените испораки на нафта од Русија се од витално значење за словачката економија, бидејќи Русија и обезбедува на Словачка 100 отсто од потребите за нафта.

– Ова е клучна ставка за нас. Не сме во состојба да се прилагодиме толку брзо. Словнафт преработува тешка руска нафта, а целиот процес на замена може да потрае неколку години, па секако ќе инсистирам на исклучување на Словачка, рече Сулик.

Според Европската комисија, ЕУ од Русија добивала 40 отсто гас, 27 отсто нафта и 46 отсто јаглен.

Западни медиуми пренесуваат изјава од извори од Европската комисија, според кои е многу веројатно дека Словачка и Унгарија ќе бидат изземени, поради нивната силна зависност од руските енергенси. Според овие извори, за да ја задржи обединета 27-члената Унија, Комисијата може да им понуди на Словачка и Унгарија „изземање или долг период на транзиција“, изјави неименуван претставник на Еврокомисијата.

Се очекува Комисијата денеска да ја финализира работата на следниот, шести, пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзините акции во Украина, кои ќе вклучуваат забрана за купување руска нафта. Извозот на нафта е главен извор на приходите на Москва.