Фото: ЕК

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лeјен денеска нагласи дека ЕУ ќе воведе постепена забрана за руската нафта како одмазда за руските воени дејствија во Украина.

– Ќе се погрижиме постепено да ја исфрлиме руската нафта на уреден начин – рече фон дер Лејен во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур додека го презентираше шестиот пакет санкции против Москва.

Фон дер Лејен, исто така, рече дека ЕУ ќе побара од 27-те земји-членки на блокот да и оневозможат на Сбербанк, најголемата руска банка, пристап до СВИФТ, глобалниот банкарски комуникациски систем.

Европската Унија ќе таргетира уште три руски државни радиодифузери во новите санкции поради инвазијата на Украина.

– Ги идентификувавме овие ТВ канали како гласноговорници, кои агресивно ги засилуваат лагите и пропагандата на Путин – рече Фон дер Лејен пред Европскиот парламент.

На компаниите за односи со јавноста во ЕУ исто така ќе им биде забрането да прават бизнис во Русија, додаде таа.

Европската комисија предлага санкционирање на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, во последниот бран економски мерки против Русија, се вели во документот во кој имаа увид француски медиуми.

Новиот список вклучува 58 санкционирани лица, меѓу кои и многу руски воен персонал, но и сопругата, ќерката и синот на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.