Фото: Архива

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја е членка на Северноатлантската алијанса, денеска изјави дека нема да дозволи Шведска и Финска да влезат во НАТО, пренесува Хина.

Ердоган на прес-конференција рече дека шведската и финската делегација не мора ни да доаѓаат во Турција за да се обидат да ја убедат Анкара да го поддржи нивното барање.

– Турција не може да каже „да“ за членството на Финска и Шведска во НАТО, без навреда, тоа е невозможно, рекол Ердоган-пренесува Хина повикувајќи се на РИА Новости.

– Како да им веруваме? Шведска е плодна почва за терористички организации-рече шефот на турската држава.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска претходно изјави дека нејзината земја ќе поднесе барање за членство во НАТО.

– Владата одлучи да го информира НАТО за волјата на Шведска да стане членка на Алијансата. Напуштаме една ера за да влеземе во нова-рече Андерсон, еден ден по објавувањето на кандидатурата на Финска.

Ердоган уште во петокот рече дека Турција нема позитивно мислење за можното членство на Финска и Шведска во НАТО.

– Турција нема позитивно да го поздрави приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО-нагласи Ердоган, оквалификувајќи ја иницијативата како грешка.

– Немаме позитивно мислење. Скандинавските земји се како гостинска куќа за терористички организации-изјави Ердоган по петочната молитва во Истанбул.

Турција традиционално ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО за натамошно проширување. Сепак, Анкара задржа неутрална позиција во украинската криза и ја презеде улогата на посредник одржувајќи канали за комуникација со двете завојувани страни.

Од почетокот на конфликтот, Анкара понуди да посредува меѓу двете страни и да биде домаќин на мировните преговори, нагласувајќи ја својата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.