Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Пратениците на Европскиот парламент (ЕП) изгласаа дека од 2035 година не смеат да се продаваат автомобили и комби-возила со мотори со внатрешно согорување. Одлуката е во согласност со политиката за намалување на емитирањето на стакленички гасови, пренесува „Политико“.

Пратениците со 339 гласа го поддржаа конечниот извештај за ревидираните закони за емисиите на јаглерод диоксид за возилата, додека 249 беа против, а 24 воздржани. Законот е клучен дел од европскиот план „Фит за 55“ и налага произведувачите на автомобили потполно да ги намалат емисиите до 2035 година, со привремени чекори во 2025 и во 2030 година.

Сега треба да се разработи финалната верзија на законскиот текст, а министрите за заштита на животната средина би требале да ја потпишат нивната верзија на законот на самитот во Луксембург на 28 јуни.

Алтернативниот амандман за кој на седницата се залагаше Европската народна партија поставуваше цел за намалување на емисиите за 2035 година на 90 отсто, без јасен датум за забрана на моторите на фосилни горива, но тој предлог беше одбиен, откако зелените партии жестоко се спротивставија на „поблагиот“ план.

Автомобилската индустрија има витална улога во економската економија, а под неа потпаѓаат седум отсто од БДП на ЕУ и вработува и поддржува 14,6 милиони луѓе. Но, сообраќајот е сектор во кој расте емисијата на стакленички гасови, а патничките возила сочинуваа 21 отсто од емисиите на јаглерод диоксид во ЕУ во 2017 година.