Фото: Принт-скрин

Во тек е истрага за експлозијата

Автобус кој превезувал затворски чувари во западна Турција е кренат во воздух со импровизирана експлозивна направа, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесува Анадолија.

– Еден од нашите чувари загина кога импровизирана експлозивна направа беше активирана со далечински управувач додека автобусот се движеше на патот Бурса-Мудања. Во тек е истрага за да се фатат сторителите – напиша тој на Твитер.

Според „24ТВ“, во експлозијата загинало најмалку едно лице, а уште осум се повредени.

Инцидентот се случил околу 7.30 часот по локално време во областа Османгази, јавува „А Њуз“. Инспекторите посочуваат дека е можно да се работи за терористички чин.

Гувернерот на Бурса Јакуп Џанболат изјави за новинарите, дека според прелиминарните информации за експлозијата, била употребена импровизирана експлозивна направа со далечинско управување.

– Нашата проценка е дека рачно изработена бомба која била оставена под електричен столб била активирана со далечински управувач додека поминувало затворското возило – рече тој.

Џанболат рече дека во автобусот имало околу 30 луѓе. Според него, сите превентивно се пренесени во болници.

Засега никој не презеде одговорност за нападот.