Фото: Тилина Калутотаге

Аналитичарот и новинар од главниот град на Шри Ланка, Коломбо, специјализиран за глобална политика и историја, Чамара Суманапала, за „Нова Македонија“ зборуваше за комплексната политичка ситуација во неговата држава, како и за потешкотиите со кои се соочува тамошното население во повеќемесечната економска криза

Плисокот на водата по скокањето на демонстрантите во базен при неодамнешниот упад во претседателскиот комплекс во Шри Ланка беше слушнат ширум светот, привлекувајќи внимание кон протестите во азиската островска држава oпфатена во повеќемесечна тешка економска криза. Гневот на народот соочен со недостиг на гориво и основни намирници, како и со рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, е насочен кон политичкото водство поради одлуките за кои се смета дека доведоа до кризата. Поранешниот претседател Готабаја Раџапакса затоа беше принуден да избега од државата минатата недела, по што беше наследен од досегашниот премиер и негов близок соработник Ранил Викремесинге, кој ги повика вооружените сили да го одржат јавниот ред, односно да ги разбијат протестите, два дена по стапување на новата функција. Аналитичарот и новинар од главниот град на Шри Ланка, Коломбо,  специјализиран за глобална политика и историја, Чамара Суманапала, за „Нова Македонија“ зборуваше за комплексната политичка ситуација во неговата држава, како и за потешкотиите со кои се соочува тамошното население.

– Новиот претседател нареди армијата и полицијата да ги нападнат демонстрантите во 2 часот по полноќ по локално време. Треба да видиме што ќе се случува. Веројатно ќе треба да го менуваш текстот – ми јави Суманапала за најновите случувања во Шри Ланка, кои отсликуваат како брзо се менува турбулентната состојба.

Стануваше збор за акција одобрена од новиот претседател, во која полицијата и војската насила ги тргнаа демонстрантите што со месеци кампуваа пред претседателската канцеларија во Коломбо. На социјалните мрежи беше прикажано како полицајците ги отстрануваат поставените шатори и ги апсат демонстрантите. Следното утро беше забележано засилено воено присуство околу владините објекти, но ситуацијата е мирна, како што информираат светските медиуми.

Суманапала го наведува лошото управување на властите како првенствена причина за кризата во Шри Ланка, покрај пандемијата и војната во Украина меѓу другите фактори кои имале влијание.

– Пандемијата и војната во Украина, меѓу другите фактори, имаа важна улога во влошувањето на кризата. Но, според мене, првенствено се работи за случај на лошо управување. На пример, владата реагираше несоодветно при одговорот на пандемијата. Шри Ланка за среќа веќе имаше релативно силно здравство. Во спротивно ефектот ќе беше и полош. Го гледав и Владимир Зеленски кој тврдеше дека Русија е одговорна за економската криза во Шри Ланка. Тоа е коментар даден од незнаење или со намера за предизвикување заблуда. Војувањето во Украина само ја влоши постоечката криза. Дури и во февруари се соочувавме со недостиг на клучните ресурси. Резервите на странски валути беа намалени до загрижувачки нивоа. Кризата во Шри Ланка беше реалност и пред февруари – вели нашиот соговорник кој е запознаен со приликите на Балканот и неодамна пишуваше за политичката состојба во Македонија за тамошните медиуми.

Тој се осврна и на политиките на владата кои придонеле за сегашната ситуација во Шри Ланка, во кои спааѓаат даночните олеснувања и забраната за увоз на вештачко ѓубриво.

– Владата на Готабаја Раџапакса овоможи значителни даночни олеснувања кога дојде на власт во 2019 година, што ги смали нејзините приходи. Потоа уследи пандемијата, што влијаеше и на снабдувањето со странски валути. Владата затоа мораше да печати пари, вредноста на националната валута се намали, а девизните резерви продолжија да се празнат. Затоа го забранија увозот на вештачко ѓубриво што претставуваше закана за снабдувањето со храна. До средината на 2021 година стана јасно дека државата оди кон криза, но Владата не презема соодветни мерки за справување со ситуацијата. Мислам дека сметаа оти Кина ќе им помогне, но нивните очекувања не се остварија. На почетокот на годинава младите од урбаните средини веќе земааа учество во помали протести, а кон крајот на март владата воведе 13-часовни дневни рестрикции на електрична енергија. Тоа доведе до масовни протести – објаснува аналитичарот од Коломбо.

Чамара Суманапала

Недостигот на гориво и рестрикциите на електрична енергија претставуваат главни проблеми и секојдневние за населението на Шри Ланка.

– Рестрикциите на електрична енергија уште се на сила, а недостигот на гориво е голем проблем, кој тешко ги погоди и малите бизниси, а го отежна и транспортот. Слушнав некого како вели дека седум дена чекал во редица за да се снабди со гориво. Постојат такви случаи. Во меѓувреме недостигот на плин за домаќинствата и на други ресурси станаа вообичаена појава. Растечката инфлација ги зголемува цените, а намалени се и приходите на земјоделците. Сето ова ја намали куповната моќ на народот, кој се потешко заработува за издржување на семејствата. Училиштата се затворени со недели. А недостигот на лекови исто така е голем проблем – посочува Суманапала.

Оставката на сега веќе поранешниот претседател е најголемо досегашно постигнување на протестното движење, според Суманапала, кој додава дека има поделени мислења меѓу учесниците во демонстрациите за понатамошниот тек на нивниот отпор.

– Протестното движење има поделени мислења околу новиот претседател. Речиси универзално е прифатено, освен од најздушните поддржувачи на Викремесинге, оти тој е непопуларен. Дел од демонстрантите инсистираат на продолжување на отпорот додека Викремесинге не замине од функцијата, но други велат дека протестите треба да прекинат, барем засега, бидејќи главното барање е исполнето. Тие всушност постигнаа многу, а оставката на Готабаја Раџапакса претставува врв на нивните постигнувања – смета Суманапала.

Крајот на кризата не е на повидок, исто како ниту на доминацијата на семејството Раџапакса во Шри Ланка, како што истакнува аналитичарот од Коломбо, и покрај бегството на поранешниот претседател Готабаја Раџапакса надвор од државата.

– Ова не е крајот на доминацијата на семејството Раџапакса, барем засега. Семејството ја предводи партијата СЛПП што го поддржа изборот на Ранил Викремесинге за претседател, иако помала група од партијата се спротивстави. Тој всушност е кандидат на семејството Раџапакса и би можел да ја зацврсти нивната моќ, што допрва треба да се види. СЛПП уште има речиси двотретинско мнозинство во парламентот. Политиката во Шри Ланка стана помалку збунувачка поради неодамнешните настани. Постои чувство дека парламентот сега не соодветствува на расположението на народот. Па се јавуваат повици за одржување на општи избори. Но, тоа може да се случи само ако парламентот се самораспушти, а прилично сум сигурен дека тоа нема да се случи наскоро – заклучува Суманапала.

Шри Ланка во меѓувреме доби и нов премиер во Динеш Гунавардена, кој стапи на функцијата неколку часа по разбивањето на демонстрантите пред претседателската канцеларија. Тој исто така важи за близок пријател и сојузник на семејството Раџапакса, со што се очекува протестите да продолжат додека трае и економската криза.