Фото: Принт-скрин

Единствената компанија со одобрена вакцина против мајмунски сипаници „Баваријан нордик“ соопшти дека подготвува продукција и во текот на ноќниот период за да одговори на побарувачката откако избивањето на вирусот беше прогласено за глобална тревога, објави „Блумберг“.

Распространувањето на мајмунските сипаници што се прошири на околу 16 илјади луѓе во повеќе од 70 држави во изминатите неколку месеци, беше прогласено за глобална закана за јавното здравје од Светската здравствена организација (СЗО) изминатиот викенд“.

– Со каква зголемена побарувачка и да се соочиме, очекуваме да ја покриеме со сопствените ресурси. Можно логично решение е продукцијата да се одвива и ноќе и повеќе работници да бидат ангажирани во смените – истакна Сас Соренсен од „Баваријан нордик“.

Данската компанија може да произведе 30 милиони дози годишно и засега не одби нарачки од владите кои бараат начини да го заштитат населението. Соренсен нагласи дека „Баваријан нордик“ веќе функционира со продолжено работно време и ноќни смени за да ја доведе продукцијата над 30 милиони дози.

Произведувачот на вакцини додаде дека неговата вакцина „Имванекс“ сега има дозвола во Европа да биде означена како средство против мајмунски сипаници. Ваквата одлука уследи по слични одобренија во Канада и во САД. Акциите на компанијата пораснаа за 150 отсто од избивањето на вирусот.

„Баваријан нордик“ има можност да контактира и други компании за производство на вакцината, но ќе се обиде да ја избегне ваквата можност, бидејќи бара многу време и би била скапа, според Соренсен.