Фото: Твитер

Европската Комисија предлага да се зајакне буџетот на ЕУ за 2022 за да се обезбеди поддршка за бегалците од Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Предлогот на Комисијата се состои од 99.8 милиони евра заложби и зголемување во износ од 176 милиони евра за буџетот. Планот е средствата да се користат преку Фондот за Азил, Миграција и Интеграција како и инструментите за гранично управување и визи, соопшти Европската Комисија.

Дополнително Комисијата сака да се стават и 400 милиони евра на располагање за гранично и миграциско управување за да им се помогне на земјите кои се најпогодени од бегалскиот бран од Украина.

Еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан, изјави дека треба земјите кои примаат највеќе бегалци да имаат доволно ресурси за да им помогнат на бегалците од Украина. Ова, рече тој, е уште еден доказ за солидарноста на ЕУ на дело.

Средствата треба да се користат пред сè за храна, сместување, здравство, облека, лекови, и правна помош, меѓу другото, како и земање отпечатоци, идентификација и безбедносни контроли.

Предлогот треба да го одобрат Европскиот Парламент и Советот на ЕУ.