Фото: Твитер/Бела куќа

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин имаат различни доктрини во однос на надворешната политика на светските сили на чие чело се наоѓаат, но тие се сведуваат на стекнување на влијание и моќ во сегашниот светски поредок, како што може да се заклучи од засебните анализи на „Фајненшл тајмс“ и на „Форин Аферс“, кои ги анализираа пристапите на двајцата лидери во поглед на актуелната украинска криза.

На почетокот на февруари минатата година американскиот претседател Џо Бајден беше во Стејт департментот за првото големо обраќање за надворешната политика во неговиот мандат, во кое да даде ветување дека ќе се соочи со заканите од Русија.

– Деновите на американското попуштање соочени со руската агресија… се завршени. Ние нема да се двоумиме да ги браниме нашите витални интереси и нашиот народ. И ќе бидеме поефективни во справувањето со Русија кога ќе соработуваме во коалицијата и координацијата со нашите истомислени партнери – кажа Бајден.

Една година подоцна, 79-годишниот американски претседател се соочува со овие зборови, додека се одвива украинската криза, а Русија се обидува да го притисне НАТО за да го ограничи неговиот опсег и влијание во регионот.

Исходот од пат-позицијата ќе го одреди, не само тежиштето на моќта во Европа, туку и визијата на Бајден за САД, како сила способна за конфронтација на автократските режими, преку обединување на западните демократии по периодот на поделби за време на мандатот на неговиот претходник Доналд Трамп. Ако рускиот претседател Владимир Путин се повече или ако украинската криза се одрази негативно по него, ветувањето за т.н. доктрина на Бајден ќе остане недопрено. Во спротивно, постои ризик за нејзино уривање што би можел да им зададе удар за напорите на САД за спротивставување кон ривалите меѓу кои се Иран, Северна Кореја и најважно, Кина, пишува Фајненшл тајмс“.

– Тука станува збор за рускиот однос кон Украина, но и за се останато. Не сум потполно сигурна дека претседателот или неговата администрација го знаат исходот од оваа ситуација, бидејќи за соочување на авторитарното однесување, без разлика дали тоа се Јужното Кинеско Море или Балтичкото Море, веројатно потребно е помалку реторика, а повеќе покажување на силa – вели Хедер Конли, претседателка на Германскиот маршалов фонд во САД.

Но, како што влоговите се зголемуваат, очигледно е дека Бајден и неговиот тим за надворешна политика го зацврстуваат ставот и ги засилуваат дипломатските напори за решавање на кризата. Американскиот претседател засега го исклучи испраќањето на трупи во Украина, наспроти пружањето на воена помош на Киев. Америка и европските сојузници истовремено дискутираат за пакет на санкции врз Москва, кои би биле поагресивни во однос на мерките по руската анексија на Крим во 2014 година.

Но во Вашингтон постои страв дека раката што ја држи Бајден во партијата со Путин е слаба. Поранешниот американски секретар за одбрана Вилијам Коен, кажа дека постои прилика за обединување на Европа во ситуацијата, но оти тој не смета на нејзино реализирање.

– Мислам дека Путин нема да се повлече, туку ќе има задршка без последици. Па, јас не знам што претставува доктрината на Бајден во овој миг. Мислам дека не е добра позиција поради поделбите тука и во Европа – кажа Коен.

– Сегашната криза помеѓу Русија и Украина е соочување со состојбата која до која дојде во изминатите 30 години. Влогот е значително поголем во однос на Украина и на членството во НАТО. Тука станува збор за иднината на европскиот поредок осмислен по падот на Советскиот Сојуз. Русија го оспорува системот за евроатланската безбедност осмислен од САД и нивните сојузници, во кој таа нема јасен удел. А Путин сега направи чекор напред во тој пристап. Клучниот елемент во т.н. доктрина на Путин е да го принуди Западот да ја третира Русија како да е Советскиот Сојуз, сила која е почитувана и од која постои страв, со повластувања во соседството и со глас во секое сериозно меѓународно прашање. Според доктрината, мал број на држави треба да имаат таков авторитет што треба да биде почитуван. А доктрината е поврзана со далекусежните цели на Путин – поништување на поседиците од падот на Советскиот Сојуз, поделба на трансатлантската алијанса и повторни преговори за географските спогодби кои ставија крај на Студената војна – наведува „Форин Аферс“.

Наспроти различните пристапи и гледишта на претседателите на двете светски суперсили во однос на постоечкиот поредок и украинската криза, извесно е дека Русија и САД засега се позиционираат во прилика за купување на повеќе време за дипломатско решение. М.Ж.