Светот бара начин како да се смири ценовното стампедо на горивата

Малопродажните цени на бензините и дизелот забележаа рекорден раст низ светот во изминатиов период, што ги поттикна владите на сите меридијани да размислуваат за зголемување на субвенциите или за намалување на даноците за да ги заштитат потрошувачите од финансиски притисок. Потезите ги одразуваат економските и политичките ризици што ги гледаат владите во тековниот пораст на цените на енергијата, поттикнати од зголемената побарувачка за гориво по најтемните денови на пандемијата на коронавирусот и прекините на снабдувањето по избивањето на украинскиот конфликт.
Според толкувањето на многу аналитичари, ако цените продолжат да растат, тие би можеле да го поткопаат економскиот раст, да доведат до пад на потрошувачката и, во некои случаи, да предизвикаат политички немири. „Ројтерс“ потсетува дека зголемувањето на цените на горивото во последниве години предизвика смртоносни протести во земјите како Казахстан, Иран и Зимбабве.
Во Британија просечната цена на безоловниот бензин на бензинска пумпа се искачи на 1,58 фунта за литар, додека дизелот достигна 1,65 фунта за литар, што е рекорд во двата случаја, покажуваат податоците на специјализираните компании за автомобилски услуги.
Цените на бензините исто така достигнаа рекордно ниво во Австралија, каде што минатата недела беа нешто под два австралиски долари.
Бразилската влада размислува за нова програма за субвенционирање на дизелот и бензинот за да им помогне на потрошувачите, објавија локалните медиуми минатата недела.

Во САД просечната цена на бензинот минатата недела достигна рекордни 4,3 долари за галон. Аналитичарите предвидуваат дека цената може да скокне до пет долари за галон до крајот на мај, а многу Американци бараат начини да ги намалат трошоците за да можат да си дозволат да платат гориво. Администрацијата на претседателот Џо Бајден се обидува да се справи со зголемените трошоци за енергија во САД и во странство организирајќи ослободување милиони барели сурова нафта од резервите за итни случаи во координација со другите земји-потрошувачи. Сепак, Вашингтон досега одбиваше директно да интервенира со даночни олеснувања или со директни субвенции.
Тоа не е случај во другите земји, особено во Европа. Ирска во средата соопшти дека ќе ги намали акцизите за бензинот и дизелот до крајот на август за да го олесни товарот од брзиот пораст на цените на бензинот. Португалија, исто така, ги намали специјалните даноци за гориво од петокот за да се справи со невидениот скок на цените на енергијата. За време на викендот, голем број луѓе низ Европа се собраа на бензинските пумпи за да ги наполнат резервоарите, очекувајќи нови поскапувања, кои надминаа две евра за литар во некои земји. И други земји планираат и спроведуваат мерки за да го намалат притисокот врз буџетите на граѓаните.
„Нема да дозволам никој да има можност да каже дека Владата не направила ништо“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на предизборниот митинг минатата недела.

Франција ќе воведе попуст од 0,15 евра за литар транспортно гориво за да им помогне на возачите да се справат со зголемените цени на бензинските пумпи, изјави премиерот Жан Кастекс во интервју за „Паризиен“. Мерката, која ќе се применува од 1 април, се очекува да ја чини француската влада над две милијарди евра, рече Кастекс. Во интервјуто објавено во саботата, Кастекс рече дека попустот ќе ги опфати домаќинствата, како и компаниите за транспорт на камиони и земјоделците.
Во обид да го спречи вртоглавиот раст на цените, чешката влада ќе го укине задолжителното мешање на биокомпоненти во горивата и ќе ги укине патарините.
Унгарската влада нареди четиридневна забрана за движење на камионите почнувајќи од сабота и намалување на акцизите за гориво како дел од напорите за стабилизирање на снабдувањето со гориво по зголемената побарувачка во последните денови, изјави владин претставник.
„Снабдувањето е обезбедено, нема причина за паника и Владата одржува ограничување на цените на горивото“, рече шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљаш, на прес-конференција во четвртокот.
Илјадници Албанци речиси цела недела се излезени на улиците во знак на протест поради зголемувањето на цените на горивата, кои скокнаа за 40 отсто во земјата. Тамошната влада одговори со усвојување „пакет за социјален отпор“ во саботата попладне, но сепак ги задржа задолжителните даноци за дериватите на сурова нафта.
Од вчера, во Хрватска е најавено ново поскапување на горивата за околу 20 центи. Бензинот ќе чини 1,84 евро, а еуродизелот 1,88 евро за литар. Хрватската влада пред околу два месеца донесе одлука за замрзнување на цените на горивата, а минатата недела донесе одлука за замрзнување на маржите и намалување на акцизите за 20 отсто.