Речиси 700 момчиња со години се држени во затвор во Сирија бидејќи нивните родители се придружиле на Исламската држава (ИД), пишува „Њујорк тајмс“.  Момчињата во затворот спијат во групи од по 15-мина во ќелии без прозорци, како што тврдат хуманитарните организации. Тие излегуваат на воздух и сонце во оградениот двор, но немаат право на посета во затворот за поранешни припадници на ИД, со кој управуваат курдските сили во североисточна Сирија.

Битката помеѓу курдската милиција и борците на ИД за контрола на затворот во Сирија предизвика загриженост за состојбата на момчињата кои се задржани таму. По неколкудневните борби за контрола врз затворот во градот Хасака, не е познато колкумина од момчињата во казнената установа биле ранети или убиени.

Портпарол на сириските демократски сили (СДФ) кажа дека тие го заземале комплексот откако стотици борци биле убиени, според последните информации. Но во прашање е доведена и судбината на стотиците момчиња кои ИД ги земала во заложништво по борбите. Тие се меѓу илјадниците деца задржани во затворите и во заробеничките кампови во североисточна Сирија, бидејќи нивните родители се во озлогласената терористичката организација.

Хуманитарците и организациите за човекови права апелираат дека задржувањето на децата претставува казна за гревовите на нивните родинители, што создава загриженост за нивна радикализација.

– Овие деца се во сериозен двоен ризик, да бидат цели во пресметките или да бидат регрутирани со што ќе завршат во рацете на ИД – вели Виктор Ниланд од УНИЦЕФ во изјава за „Њујорк Тајмс“.

Тој додава дека дел од децата можеби учестувале во оружените акции на ИД, но оти тоа е тешко да се утврди, како и дека ниту едно од момчињата не е обвинето за злостроство или изведено пред суд. Уште се водат борбите за контрола на затворот што претставува постојана опасност за децата.

– Овие деца не требаа да бидат тука, ова не е нивно место – вели хуманитарецот Мехмед Балчи.

Курдската милиција што управува со затворот вели дека врските на децата со ИД ги прават опасни. СДФ ги критикуваше и западните влади бидејќи одбиваат репатријација на нивните државјани задржани во камповите и затворите, вклучувајќи ги и децата.