Фото: Официјална страница на рускиот претседател

Членките на Групата седум најразвиени земји (Г7) денеска ја повикаа Кина да не ѝ помага на Русија, а особено да не ги поткопува меѓународните санкции и да не ги оправдува постапките на Москва во Украина.

– Пекинг треба да го поддржи суверенитетот и независноста на Украина, а не да ѝ помага на Русија во војната за агресија – се наведува во заедничките заклучоци на Г7, пренесува АП.

Овие земји, исто така, ја повикуваат Кина да престане да манипулира со информации и дезинформации и „да преземе други активности за да ѝ даде легитимитет на руската агресивна војна против Украина“.

– Никогаш нема да ги признаеме границите кои Русија се обиде да ги промени со воена агресија – објавија членките на Г7, пренесува американската агенција.

Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД го повторија својот став дека териториите окупирани од руските сили треба да ѝ бидат вратени на Украина и ја повикаа Кина да го почитува меѓународното и националното право.

Членовите на Г7 ја нагласуваат важноста на мирот и стабилноста преку Тајванското Море и го поддржуваат учеството на Тајван на Светското здравствено собрание и техничките состаноци на СЗО и изразуваат длабока загриженост за почитувањето на човековите права во Кина, особено во Ксинџијанг и Тибет, се вели во соопштението.