Силна зимска бура викендов ја погоди северна Европа, во која досега загинале најмалку четири лица.

Бурата „Малик“ денеска донесе силни налети на ветер, обилни врнежи од дожд и снег во Данска, Финска, Норвешка и Шведска, пренесе агенцијата АП.

Невремето доцна во саботата пристигна во нордиските земји и северна Германија откако предизвика голема материјална штета и колапс во сообраќајот во Велика Британија, особено во Шкотска. Во Шкотска момче и 60-годишна жена загинаа во саботата од паѓање дрвја.

Во Данска, силните ветрови со дожд доведоа до привремено затворање на неколку мостови во саботата, вклучително и клучниот патен и железнички мост Ересунд, кој ги поврзува Копенхаген и шведскиот град Малме. Данските медиуми јавија дека 78-годишна жена починала како последица на тешки повреди по пад од силен ветер. Поплавите во многу делови на Данска предизвикаа значителна материјална штета.

Во Германија, локалните медиуми објавија дека еден човек загинал во саботата откако бил погоден од билборд кој попуштил поради лошото време.

Се наведува дека јужните делови на Шведска биле сериозно погодени, а илјадници домаќинства до попладневните часови останале без струја.

Пријавени се големи штети на куќи, автомобили и чамци во Норвешка, додека обилните снежни врнежи низ Финска предизвикаа сообраќајни несреќи и го прекинаа сообраќајот во делови од земјата.