Фото: МИА

ЕУ сè уште нема донесено никакви одлуки за ембарго за нафта и гас против Русија, за таа можност сè уште се дискутира, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на прес-конференција по денешното заседание на Советот на ЕУ во Луксембург.

Евентуалното откажување на ЕУ од нафта и гас од Русија нема да ја спречи руската армија во Украина, изјави Борел, пренесува Бгнес.

– Да немаме илузии: ако денес запрете да увезувате гас и нафта, во наредните недели тоа нема да ја запре руската армија – рече Борел.

Тој исто така нагласи дека ЕУ е подготвена да продолжи да обезбедува воена помош за Украина покрај веќе доделените 1,5 милијарди евра за оваа намена.