фото: Фејсбук

Северна Кореја е во „фаза на провокација“ со нејзините неодамнешни тестирања на балистички ракети, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен и неговите јужнокорејски и јапонски колеги, Чунг Еуи-јогн и Хајаши Јошимаса, вчера на состанокот во Хололули, на Хаваи, го потврдија своето единство против севернокорејската закана.

Пјонгјанг треба да ги „запре нелегалните активности и да почне дијалог“, напишаа тие во заедничката изјава, оценувајќи ги како „дестабилизирачки“ седумте тестирања на ракети што Северна Кореја ги спроведе од почетокот на годината.

Министрите додадоа дека Вашингтон, Токио и Сеул „немаат непријателски намери“ кон Пјонгјанг и дека, сепак, сакаат да отворат дијалог „без предуслови“.

Блинкен на заедничката прес-конференција со своите колеги рече дека Северна Кореја е во „фаза на провокација“.

– Продолжуваме да бараме начин Северна Кореја да преземе одговорност за своите постапки – рече тој, наведувајќи ги санкциите што неодамна ги воведе Вашингтон против осум лица и организации поврзани со режимот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Блинкен пристигна на Хаваи на враќање од неговата турнеја низ Пацификот за време на која ги посети Австралија и Фиџи. Тој присуствуваше на состанокот на четирипартискиот сојуз на САД, Австралија, Јапонија и Индија во Мелбурн, што  треба да се спротивстави на растечкото влијание на Кина во Азија и Пацификот.

За време на еднонеделната турнеја, Белата куќа објави документ од 18 страници во кој се нагласува централното значење за интересите на САД во овој регион, што Вашингтон го нарекува „Индо-пацифик“.

– Оваа стратегија ја покажува суштинската вистина дека повеќе од кој било друг дел од светот, она што се случува во тој регион ќе влијае на животите на Американците и луѓето ширум светот – објасни Блинкен во Хонолулу.