фото: Фејсбук

Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави денеска дека Иран нема да остане неказнет поради поттикнување напади преку свои посредници, една недела по убиството на полковникот на Револуционерната гарда, Хасан Саџад Ходаи во Техеран, за што Иран го обвинува Израел.

Ходаи, когo Израел го обвинува дека планирал напади врз негови граѓани низ светот, е убиен од две лица на мотор додека управувал со својот автомобил.

Припадници на Гардата откриле и уапсиле членови на израелската разузнавачка служба веднаш по оружениот напад во Техеран, објавија ирански медиуми.

Кабинетот на Бенет, кој ја надгледува разузнавачката агенција Мосад, одби да го коментира атентатот, но премиерот го обвини Иран за постојани напади врз израелски цели.

– Со децении, иранскиот режим практикуваше тероризам против Израел и регионот преку посредници, емисари, но главата на октоподот, самиот Иран, ужива имунитет – истакна Бенет.

Според него, ерата на имунитет за иранскиот режим е завршена.

– Оние кои финансираат терористи, оние кои вооружуваат терористи и оние кои испраќаат терористи, ќе ја платат целата цена – додаде израелскиот премиер