Белгиската влада постигна договор со кој се потврдува дека постојните нуклеарни централи во земјата ќе бидат затворени до 2025 година, иако тие ќе продолжат да инвестираат во технологијата за нуклеарна енергија, објавија јавните телевизии „РТБФ“ и „ВРТ“.

По преговорите во текот на ноќта, група министри постигнале компромис според кој последната нуклеарна централа би била затворена во 2025 година, соопшти телевизијата.

Коалицијата од седум партии преговарала со недели, при што „Зелените“ цврсто се залагале за усогласување со законот за нуклеарно напуштање од 2003 година, додека пак либералите, биле за да останат во функција двата најнови нуклеарни реактори.

Двете белгиски нуклеарни централи, со вкупно седум реактори, ги управува француската компанија „Енџин“. Белгија ќе инвестира 100 милиони евра во истражување за иднината на нуклеарната енергија, со фокус на помалите модуларни реактори.

За надоместување на недостигот од нуклеарната енергија, Белгијците како опција го разгледуваат користењето на електрани на гас, а конечната одлука околу алтернативата, би требало да се донесе во март идната година.