Повеќе од 6,5 милиони внатрешно раселени лица, а 3,3 милиони бегалци надвор од Украина

Од почетокот на воената операција во Украина, од оваа земја во Полска побегнале околу 2.057.114 лица, соопшти полската гранична полиција. Во саботата границата ја минале 23.200 луѓе, објави на Твитер полската гранична служба, што е за 2,1 отсто повеќе од петокот. Некои од пристигнатите во изминатите три недели веќе ја напуштиле Полска, а според процените на експертите за миграција од Универзитетот во Варшава, во оваа земја остануваат уште најмалку 1,1 милион украински бегалци. Повеќето од нив се упатиле кон големите градови, главно Варшава и Краков, чии официјални лица изјавија дека го достигнале максималниот капацитет за нивен прием.
Повеќе од 6,5 милиони луѓе во Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да се преселат во други делови на земјата поради избувнувањето на војната досега. Ова е процената во новиот извештај објавен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. Ако на ова се додадат 3,3 милиони што веќе побегнале од Украина, земјата со 44 милиони жители, бројот на раселени е речиси четвртина од вкупната популација.
Уште 12 милиони не можат да ги напуштат подрачјата директно погодени поради безбедносни ризици. Уништените патишта и мостови или неможноста да се добијат информации каде ќе бидат безбедни се исто така фактор што ги спречува да побегнат.
Со ова темпо на заминување на луѓето од своите родни огништа, предупредуваат претставниците на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), егзодусот би можел да ја надмине сириската криза во 2015 година. Броевите се веројатно повисоки поради доцнењето на пребројувањето во некои земји.
Околу 60 отсто од украинските бегалци, или повеќе од два милиони луѓе, заминаа во Полска. Други заминаа во Унгарија, Молдавија, Романија и во Белорусија. Бројот на раселени лица, веројатно, ќе продолжи да се зголемува од 100.000 до 200.000 дневно, соопштија ОН.

Интензивното движење на луѓето кон запад стана најбрзата миграциска криза во Европа во последните децении. Егзодусот на Украинците е речиси двојно поголем од бројот на бегалци регистриран од Обединетите нации во првите 11 дена од војната во Косово. Околу 600.000 жители на Косово станаа бегалци, а уште 400.000 беа раселени во Косово до крајот на април 1999 година. УНХЦР рече дека дури 6,5 милиони луѓе на крајот би можеле да ја напуштат Украина.
Оние што бегаа во соседните земји беа пречекани од владини и добротворни организации за да одговорат на критичните потреби. Но постои загриженост за луѓето со ограничени можности.
„Луѓето со економска мобилност ќе бидат тие што ќе можат да излезат наскоро, а најсиромашните луѓе ќе бидат оние што ќе останат. Значи, тоа е исто така нешто за размислување кога зборуваме за помош – хуманитарна помош и помош за бегалците. На многу луѓе како постарите и инвалидите, но и на луѓето со деца ќе им биде отежнато движењето“.
Експертите за миграција се согласуваат дека најновите бројки на бегалци ги повторуваат претходните миграциски кризи во Европа, како што се 12-те милиони Германци што беа раселени низ Европа за време на Втората светска војна. Или кризата од 2015 година, во која повеќе од два милиони луѓе пристигнаа во многу земји на ЕУ, како азиланти или имигранти. И поради тоа, експертите за миграција велат дека можат да профитираат од научените лекции.
„Го видовме тоа во Шведска, во Германија, а веќе сега во Германија, на пример, гледаме дека протоколите од 2015 година се повторно активирани за да се справат со приливот на бегалци. Значи, можеме да научиме од лекциите научени од протоколите и стратегиите што ги имавме тогаш и да ги приспособиме на сегашните потреби“.
Без преседан, Европската Унија се согласи да ја активира Директивата за привремена заштита. Тоа значи дека бегалците од Украина добија дозвола за привремен престој во Европската Унија најмалку една година, со можност за продолжување за уште две години.

Од своја страна се огласи и УНИЦЕФ со официјално соопштение, во кое се вели дека околу 1,5 милион деца ја напуштиле Украина, а „безброј други“ се раселени во земјата додека трае војната.
„Војната во Украина води кон масовно раселување и бегалци – услови што би можеле да доведат до значителен скок на трговијата со луѓе и акутна криза за заштита на децата“, рече Афшан Кан, регионален директор на УНИЦЕФ за Европа и за Централна Азија.
„Раселените деца се екстремно ранливи на одвојување од нивните семејства, експлоатирани и тргувани“, продолжи Кан. „Треба владите во регионот да преземат мерки за да ги задржат безбедни“.
Помеѓу 24 февруари и 7 март, УНИЦЕФ соопшти дека идентификувале повеќе од 500 деца без придружба што преминале од Украина во Романија. Вкупната бројка на деца без придружба што преминуваат преку соседните граници е „веројатно многу поголема“, се додава во соопштението.
За да ја зголемат заштитата, ОН и партнерите од граѓанското општество формирале информативни центри во соседните земји, како што е Полска, идентификувани како „Сини точки“ за да обезбедат основни услуги за семејствата.
УНИЦЕФ, исто така, ги повикува соседните влади на Украина да ги зголемат проверките за заштита на децата на границите и во клучните области, како што се железничките станици, каде што минуваат бегалците.
„Покрај тоа, УНИЦЕФ ги повикува владите да ги подобрат прекуграничната соработка и размената на знаење помеѓу и меѓу граничната контрола, органите за спроведување на законот и заштитата на децата и брзо да ги идентификуваат разделените деца, да спроведат процедури за следење на семејството и повторно обединување на децата лишени од родителска грижа“, се вели во соопштението.

Подготвил: Марјан Велевски