Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја разреши денеска заменик министерката за правда Весна Микиќ, која вчера, на 20-годишнината од почетокот на нападите на НАТО против тогашна СР Југославија, ја нарече таа интервенција „геноцид врз српската држава и народ“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на својот Фејсбук профил, каде што ја објави и одлуката за разрешување на Микиќ, порача дека таквите нејзини изјави претставуваат говор на омраза, кој се санкционира со Уставот и законите.

– Во Владата и институциите на Косово нема место за лица, независно од нивната етничка припадност, кои ги оцрнуваат заедничките евроатлантски вредности. Дотолку повеќе што државата Косово е создадена токму врз таквите вредности. Изјавата на заменик министерката за правда, Весна Микиќ, дека бомбардирањето на НАТО било геноцид врз српската држава и народ, е неприфатлива и може да се смета за говор на омраза, кој се санкционира со Уставот и законите. Затоа денеска ја ослободив од нејзината должност, напиша Харадинај.

На изјавата на претставничката на Српската листа во Владата на Харадинај реагираше пратеничката на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Албулена Хаџиу, а разрешување на Микиќ побара и министерот за правда Абелард Тахири.