Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во Тирана рече дека Албанија постигна напредок во судските реформи и дека сега Брисел треба да го стори својот дел.

„Мојата порака е јасна. Иднината на Албанија е во ЕУ. Европската комисија е цврста во својата посветеност. Со добар напредок во реформите во судството, Албанија јасно ја исполни својата цел, сега останува на ЕУ да го направи својот дел“, објави Фон дер Лаен на „Твитер“.

Таа ја почна својата турнеја на Западен Балкан со посета на Тирана, за време на која ќе ги посети Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина како дел од подготовките за Самитот ЕУ – Западен Балкан, организиран од Словенија на 6 октомври.

По средбата со Рама, таа се сретна и со претседателот на Албанија, Илир Мета, а темата на разговор, како што пренесуваат агенциите, била европската перспектива на Албанија.