Уште две лица починаа како последица на западно- нилскиот вирус во изминатата недела, па бројот на починати од почетокот на годината се зголеми на 11, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје „д-р Милан Јовановиќ Батут”. 

Регистрирани се вкупно 126 случаи на западно- нилска треска, се наведува во извештај на Институтот „Батут“, кој беше објавен денеска, што значи дека во просек неделно заболуваат 24 лица, а умираат двајца. 

Западно-нилската треска првпат беше регистрирана во Србија на крајот од јули 2012 година. Оттогаш до 2017 година, пријавени се 574 случаи, а 61 лице почина.

До 9 август оваа година, од западно- нилскиот вирус е регистриран 231 случај во Европската унија , повеќето од нив се пријавени во Италија (123), Грција (59), Унгарија и Романија во 23 случаи и Франција  три случаи.