Петмина мигранти се уапсени во рамките на истрагата за пожарот во логорот Мориа пред помалку од една недела на грчкиот остров Лезбос, а шестиот осомничен е во бегство, изјави грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис.
– Петмина млади странци се уапсени, додека друг идентификуван осомничен е во бегство – рече министерот во Митилена, главниот град на островот, јави грчката новинска агенција АНА.

Петмина мигранти се приведени во рамките на полициската акција на островот, каде илјадници азиланти спијат по пожарот во кампот, пренесува АФП од локален полициски извор.

Изворот наведува дека шестиот осомничен го напуштил островот. Националноста на осомничените не е откриена. Министерот Хрисохоидис оцени дека овие апсења ја поништуваат тезата дека десничарски екстремисти го запалиле кампот за мигранти ноќта на 9 септември, по што 12.000 баратели на азил останаа без засолниште.

Грчката влада двапати досега ги обвинила мигрантите за палење оган. Во последниве години, се зголемуваат инцидентите меѓу барателите на азил и островјаните, вклучително и симпатизерите на крајната десница, кои се противат на задржување мигранти на Лезбос.

Жителите попладнево се собираат за да побараат „отстранување на мигрантите од островот“.

По пожарот грчките власти набрзина поставија привремен камп во близина на остатоците од Морија за да ги сместат, но досега се сместени само 800 од вкупно 14 000 мигранти на островот.