Со наближување на 30 јуни, денот на локалните избори, се зголемуваат тензиите во Албанија. Албанскиот парламент денес по итна постапка ќе донесе закон со кој се предвидува забрана за излез од земјата од пет до десет години, за секој што ќе направи изборно кривично дело.

Како предупредување до опозицијата и до нејзините приврзаници, кои зачестија со напади на просториите каде што се сместени изборните комисии и изборниот материјал, синоќа премиерот Еди Рама го најави носењето на овој закон.
– Предлог-законот е подготвен и тој утре ќе биде изгласан во парламентот. На секој оној што ќе изврши изборен криминал нема да му биде дозволен излез од земјата од пет до 10 години. Сево ова што се случува е страв од правосудните реформи што владее меѓу опозицијата – изјави Рама.

Во меѓувреме тензична ситуација е забележана во Бурел, каде што приврзаниците на опозицијата насилно го одзеле изборниот материјал и го запалиле. Во помош на локалната полиција била повикана единицата за брза интервенција, а бил употребен и солзавец.