Косовскиот претседател Хашим Тачи ја поздрави вчерашната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел за неменливост на границите во Западен Балкан, но нагласи дека сега очекува таа и другите од Европската унија (ЕУ) да се фокусираат кај земјите кои го немаат признаено Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На вчерашната изјава на Меркел, која беше индиректно, но многу јасно, насочена против заложбите на Тачи и на други косовски и српски политичари за „корекција на границите“, косовскиот претседател, преку порака на Твитер, побара мнозинството земји на ЕУ да ги убедат да го признаат Косово петте земји од Унијата и Србија, кои се уште не го сториле тоа.

– Ја поздравувам изјавата на канцеларката Ангела Меркел во врска со неменливоста на границите во Западен Балкан. Сега останува да се направи уште тоа мнозинството земји од ЕУ да ги убедат петте непризнавачки земји и Србија да го признаат Косово во границите кои ги има. Што побргу се постигне тоа, толку подобро ќе биде за регионот, порача Тачи.

Некои косовски медиуми коментарот на Тачи го протолкуваа како иронизирање со пораката на германската канцеларка, која вчера децидно изјави дека никакви промени на границите на Балканот не доаѓаат предвид.

– Границите и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан се поставени и се недопирливи. Ова треба постојано да се повторува, затоа што има тенденции да се разговара за границите, а тоа не може да се прави, рече Меркел по вчерашната средба со премиерот на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.