Албанскиот претседател Илир Мета одби да го потврди именувањето на Гент Чакај на местото министер за надворешни работи и со тоа предизвика сериозен политички потрес во земјата, во кој се вклучија и политичари од Косово, пренесуваат албанските медиуми.

Чакај, кој во моментов е заменик-министер за надворешни работи, се најде во центарот на контроверзноста поради поддршката што му ја даде на косовскиот премиер Хашим Тачи во идејата за демаркација со Србија, на што остро реагираше и поранешната шефица на приштинскиот тим за преговори во Брисел, Едита Тахири.
Рама го кандидира Чакај за министер за надворешни работи затоа што неговиот претходник Дмитри Бушати беше сменет од функцијата, бидејќи, како што посочија тогаш албанските медиуми, Бушати се залагал за решавање на деценискиот проблем со Грција околу поморските граници, и притоа, како што пренесуваа медиумите, тој бил подготвен и за одредени отстапки што би ги побарала официјална Атина.

Албанскиот премиер Еди Рама остро, со навреди и со нималку дипломатски речник се обрати кон сите оние што го поддржаа претседателот Илир Мета во неговата одлука да не ја потпише уредбата за именување на Косовецот Гент Цакај за нов министер за Европа и надворешни работи на Албанија.

По првичната реакција, во која одлуката на Мета ја оцени како неуставна и срамна и упати извинување до Косово за „овој срам“, Рама повторно преку социјалните мрежи реагираше обвинувајќи го Мета дека „низ нозе зема еден млад човек, најмалку 1.000 пати помудар од него“.