ХРВАТСКА

Самитот на лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан, кој е закажан за седми мај во Загреб, е одложен, а новиот термин за одржување е најавен за јуни, соопштија од хрватското претседателство на ЕУ.
Хрватска, која претседава со ЕУ, одлучи до 15 мај да ги одложи сите состаноци што требаше да се одржат во оваа земја, за да се ограничи ширењето на епидемијата и да се ублажат нејзините ефекти.

Во консултација со претседателот на Европскиот совет, новиот датум за самитот ЕУ – Западен Балкан ќе биде закажан во јуни, доколку дозволи состојбата со коронавирусот. Во спротивно, ќе биде организирана видеоконференција, соопштија од хрватското претседателство на ЕУ.

По две години од последниот сличен самит во Софија, на состанокот во Загреб се очекуваше политичката порака на ЕУ за тоа дека иднината на регионот е во европската заедница. На дневниот ред на состанокот беа социјално-економските теми, климатските промени и заедничките безбедносни предизвици.