Тирана – Повеќе од 2.000 барања за азил се поднесени за деца од Албанија во некои земји на Европската Унија и во Швајцарија. Во најновиот извештај на Европското биро за статистика се наведува дека од вкупниот број барања за азил за деца, 12 проценти се од Албанија. На прво место е Турција со 24 проценти, а потоа Русија со 23 проценти. („Локално“)

Атина – Грција се подготвува за екстремен топлотен удар со температури што треба да се искачат и до 44 Целзиусови степени во наредните денови. Грчката метеоролошка служба и Националната цивилна заштита во понеделникот издадоа предупредување, а жегата се очекува да потрае до 8 август, што е невообичаено долг период. Се очекува во текот на ноќта да биде над 30 степени. („Телма“)

Сараево – Претставниците на политичките партии од ентитетот Република Српска одлучија да не учествуваат во работата на државните институции во БиХ, односно во парламентот на БиХ, Советот на министри и Претседателството на БиХ. Ова дојде по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко за наметнување измени и дополнувања на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со кои се казнува негирањето геноцид и се слават воени злосторници. (РСЕ)


Бисер балкански

Споменик за боемот

– Ако ја погледнеме историјата на нашата боемија од 19 век, таа е голема приказна, која во вредносна смисла беше и остана чудо, а нејзината вертикала е постара и потешка од тоа што денес го симболизира пејачот Тома Здравковиќ. Немам ништо против него, но не сум сигурен дека тој во нашата боемија има такво високо место и дека е толку важен за Скадарлија – вели професорот Ратко Божовиќ за иницијативата за поставување споменик на естрадниот уметник Тома Здравковиќ во познатата белградска улица со многу кафеани.
Во изјавата за „Данас“, Божовиќ посочува дека заслужното место во Скадарлија треба да го заземе некој од многуте српски поети и писатели што влегле во учебниците или некој од легендарните глумци во Србија.
– Боемите беа витална и креативна алтернатива во творењето и се запаметени како приврзаници на слободата и слободниот дух, а тоа е цела плејада на уметнички творци што се врзани за Скадарлија – објаснува Божовиќ.