Нови парламентарни избори на Косово станува сѐ поизвесно сценарио, откако претставниците на Самоопределување ја отфрлија „последната“ понуда од Демократскиот сојуз на Косово за формирање влада, што би значело партијата на Албин Курти да се откаже од местото претседател на собранието и од функцијата претседател на државата, по завршувањето на мандатот на Хашим Тачи во 2021 година.

Медиумите во регионот сѐ уште не ја исклучуваат можноста лидерите на двете победнички партии на вонредните парламентарни избори, односно Албин Курти и Иса Мустафа, да постигнат договор за коалиција, на што притискаат меѓународните фактори, а особено од администрацијата на САД, со намера да се продолжат преговорите меѓу Приштина и Белград.

Агрон Бајрами, главниот и одговорен уредник на весникот „Коха диторе“, не е сигурен како ќе се одвиваат натамошните политички процеси во Косово.
– Мислам дека има уште време за преговори. Додека има време има и шанси за договор – вели Бајрами.

Наим Лео Бешори, извршен директор на Институтот за европски работи, проценува дека кандидатот за премиер Албин Курти повеќе ќе изгуби од Мустафа доколку не биде постигнат договор за формирање на новата влада.

– Мустафа е свесен за таквата разврска и поставува услови за кадровските решенија. Несогласувањата за претседател на собранието и на државата ги водат преговорите во пропаст. За да избегне евентуална загуба, Курти почнува со националистички изјави и порачува дека неформирањето на владата со ДСК е помалку патриотски – вели Бешори во изјава за „Данас“.

Иса Мустафа се плаши дека ДСК нема да ја добие позицијата претседател на државата, затоа што Курти со популистички потези како премиер ќе добие дополнителна поддршка од граѓаните. На овој начин Самоопределување ќе ги добие сите три клучни политички функции, сметаат аналитичарите.

Косовските медиуми пишуваат и за можноста од формирање „алтернативна влада“ без Самоопределување и Демократската партија на Косово, во која би биле и Алијансата за иднина на Косово и коалицијата што гравитира околу Фатмир Љимај. Ова значи дека во идната косовска влада ќе партиципира и Српската листа. Меѓутоа, политичките аналитичари не можат да проценат кој би бил политичкиот ризик на ДСК од нови парламентарни избори или од формирање на „алтернативната“ влада. Во вториот случај, на Албин Курти би му се отворил простор за жестоки напади, затоа што и самиот се противи на идејата за учество на пратениците од Српската листа во новата влада на Косово.