Австрискиот канцелар Себастијан Курц утре во Виена ќе организира работен ручек за премиерите на земјите од Западен Балкан и еврокомесарите за проширување и за дигитално општество, Јоханес Хан и Марија Габриел.

Според најавата од Кабинетот на Курц, на средбата ќе присуствуваат премиерите на Албанија, Еди Рама, на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, на Косово, Рамуш Харадинај, на Србија, Ана Брнабиќ и на Црна Гора, Душко Марковиќ.

Македонскиот премиер Зоран Заев го откажа учеството на средбата во Виена поради актуелните политички состојби во земјата.

На собирот ќе се разговара за европската перспектива на Западниот Балкан, за регионалната соработка и за билатералните односи.

Предвидено е Хан да направи краток осврт на актуелните регионални случувања, Габриел да говори за напорите за дигитализација во регионот, а Курц да ги претстави плановите на Австрија за до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ, по што премиерите од западнобалканските земји ќе можат да ги изнесат своите ставови за посочените теми.