По француската блокада на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, спротивно на очекувањата на претседателот на Франција Емануел Макрон, кој отворено се противи на понатамошно проширување на Европската Унија, иднината на Западен Балкан се најде на самиот врв од агендата на новата европска администрација. По октомвриската расправа на состанокот на лидерите на ЕУ, новото заседание на Европскиот парламент усвои резолуцијата за поддршка на проширувањето кон земјите од Западен Балкан. Неодамна и претседателот на ЕП Давид Сасоли беше во прва и официјална посета на Македонија. И првите работни денови на новата Европска комисија беа посветени на земјите од регионот.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен по стапувањето на должноста јасно порача дека е важно ЕУ да се држи до пристапните преговори, но и да се сослушаат позициите на земјите-членки кога се во прашање измените во тој процес, пишува во анализата на „Дојче веле“.

– Стратегиски апсолутно е важно јасно да им покажеме на земјите од Западен Балкан дека ги сакаме на нашата страна и дека имаме голем интерес во нивното приближување кон ЕУ. Кога станува збор за пристапните преговори, јас би се заложила промените на процесот да се одвиваат паралелно, односно на земјите да им се даде можност да ги почнат пристапните преговори – порача таа.

Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеф Борел изјави дека „мора да се одржи динамиката и да се продолжи да се работи со сите земји-членки за да сфатат дека не може да се затвори, ни укине ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан“. Додека новиот комесар за проширување Оливер Вархејли „решението за Западен Балкан го гледа во кредибилноста и побрзо динамизирање на процесот на проширување“, а неговите очекувања од петгодишниот мандат се да има барем една земја што ќе биде подготвена да влезе во ЕУ.

– Европската комисија на почетокот на јануари ќе излезе со конкретен предлог за промената на методологијата за пристапување. Никој не треба да ја доведе во прашање европската перспектива на земјите од Западен Балкан – вели Вархејли.
Говорејќи на завршната конференција на самитот на НАТО во Лондон, францускиот претседател Макрон ја врати темата за проширување на ЕУ повторно на самиот почеток.

– Експлицитно кажувам дека сакам да дојде до реформи во процедурата за преговарање. Ние сме против секое проширување на ЕУ, кое не е следено со длабока реформа во функционирањето на Унијата. Решението за Западен Балкан е нивно цврсто врзување за Европската Унија. Но тоа усидрување за некои значи пристапување во ЕУ, но треба да се биде јасен. Тоа значи и фаза на стратегиско партнерство и засилено инвестирање – нагласи Макрон.

Според оцените на ЕУ, кои ги изнесе и комесарот за проширување Оливер Вархејли, Црна Гора е најнапред во пристапните преговори и поканата. За Србија се препорачува забрзување на реформите во областа на владеењето на правото, медиумските слободи и изборните закони. Босна и Херцеговина е повикана за формирање и функционирање на Советот на министри. Пред Косово претстои значајна задача со конституирањето на новата извршна власт и пристапување кон забрзување на економскиот раст, борбата против корупцијата и организираниот криминал. За Македонија и за Албанија, Европската комисија ќе се залага за што побрзо отворање на пристапните преговори, а се очекува тоа да се случи пред мајскиот самит во Загреб. Се очекува овој настан да биде пресвртница за политиката на проширување, а дотогаш би требало да бидат дефинирани и усогласени позициите на земјите-членки во ЕУ, околу иднината на Западен Балкан, пишува во текстот на „Дојче веле“.