Верската настава во училиштата од земјите во регионот се одвива во различен облик и обем, но притисокот за нејзино воведување како задолжителен предмет е постојан од дел од родителите и верските заедници

Веронауката во хрватските основни училишта првпат ќе добие алтернативен изборен предмет, по примерот на етиката во средните училишта, најавија од Министерството за образование на Хрватска. Темата за верска настава за основците минатата недела ја отворија група родители, кои иницираа петиција со барање да се „реши проблемот со згрижување на децата што не посетуваат веронаука“. Со реакција за потребата од воведување ваков алтернативен предмет во основните училишта се јави и детската правобранителка Хеленца Пирнат Драгичевиќ.
Засега не е познато како ќе се вика новиот изборен предмет, како и датумот на негово воведување. Оваа идеја се провлекува од 2011 година, а сегашниот министер за образование повторно ја актуализира. За неговиот прв мандат беше донесен Националниот рамковен курикулум со кој се предвидуваше „воведување алтернативен изборен предмет, кој ќе овозможи стекнување основни етичко-морални компетенции и основно знаење за религијата за оние ученици од основните училишта што не запишуваат конфесионална веронаука“, пишува „Јутарњи лист“.

Католичката црква категорично се противеше на идејата таквиот алтернативен предмет да се нарекува „религиска култура“ и побара овој предмет да се предава и во нижите одделенија во основното образование. Кардиналот Јосип Божаниќ се залагаше учениците од петто до осмо одделение да следат „етичко образование и религија“.
Премиерот Андреј Пленковиќ искажа несогласување со правобранителката за деца, за која е неприфатливо верските содржини во некои училишта да се практикуваат надвор од веронауката.
– Би било необично во земја со толку католици да нема ништо во тој дел. Тоа е нашиот идентитет – изјави Пленковиќ.
Детската правобранителка во Хрватска, во изјава за агенцијата „Хина“, посочи на проблемите со организацијата на наставата по веронаука во училиштата во услови на заштита од коронавирусот.
– Сметаме дека наставата по веронаука, како и секој друг изборен предмет, треба да се организира на почетокот или на крајот на наставата, а предлагаме и воведување алтернативен изборен предмет за деца што не поседуваат веронаука, по примерот на етиката во средните училишта – изјави Пирнат Драгичевиќ.

Во Србија поминаа 18 години откако веронауката е вратена во основните и во средните училишта. До крајот на 2019 година верската настава ја следеа 433.490 ученици или 52,2 отсто од сите запишани ученици. Од нив 385.854 ученици следат православна верска настава, 15.741 католичка, 30.059 исламска, 393 евангелистичка христијанска, 913 евангелистичка лутеранска и 530 се реформска христијанска. Вкупниот број наставници од верска настава во основните и во средните училишта изнесува 1.840.
– Верската настава во основните и во средните училишта е дел од нашите системски решенија, кои нема да ги менуваме, и овој предмет продолжува да има статус на задолжителен изборен предмет за учениците што ќе се определат за него. Нема намалување на бројот на учениците. Секое училиште води сметка за потребниот број на групите од верска настава за да се обезбеди квалитетна реализација на наставата – изјави српскиот министер за образование Младен Шарчевиќ, за новата наставна програма за 2020/2021 година.

Веронауката како изборен премет во македонскиот образовен систем беше воведена во 2008 година, но по неполна година со одлука на Уставниот суд тоа беше укинато. Наместо веронаука, за петтоодделенците беше воведен предметот Етика на религиите. Учениците можат да изберат помеѓу Историја на религија и Етика на религијата. Во новиот предмет не се вклучени обредите и молитвите, како што беше случај со веронауката. Часови со класична веронаука во Македонија се
одвиваат во црквите, а родителите доброволно ги испраќаат своите деца.
Веронауката, која е воведена во Босна и Херцеговина по првите повеќепартиски избори, стана еден од симболите за верско, национално и политичко дејствување.

Со воведувањето во наставата пред 20 години на ниво на ентитети и кантони, за мнозинството припадници на етничките заедници во БиХ тоа претставуваше начин на одбрана на националниот идентитет. Социологот Ибрахим Прохиќ, во изјава за „Дојче веле“, вели дека веронауката денеска е политички инструмент во БиХ и симбиоза меѓу верските заедници и властите. Во босанско-херцеговскиот контекст религијата не се потпира само на духовното, туку е и примарен знак на идентитетот на народите, смета тој.