Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија е свесна за грешките што ги направила во минатото, но дека нападите на НАТО врз поранешна СР Југославија во 1999 година е грешка на другите, а не на српските граѓани.

На конференција во Белград, насловена „НАТО агресијата врз СР Југославија: 20 години подоцна”, Брнабиќ изјави дека Србија не смее да ги заборави жртвите од ова бомбардирање, уништените фабрики, мостови и уништената економија, но оцени дека ќе мора да се обиде да прости, бидејќи тоа е единствениот пат за да ги оствари своите големи потенцијали и да се сврти кон иднината, партнерството и соработката.

– На Србија никој не треба да и укажува на грешките. Свесни сме дека грешевме, но бомбардирањето во 1999 година беше вина на други, а не на граѓаните на Србија, кои на крајот на 20 век беа жртви на оние со кои се боревме за слобода и правда во две војни. Поради иднината, би било добро и тие да бидат свесни за тие грешки, рече Брнабиќ.

Брнабиќ изјави дека во изминатите 20 години Србија се обидувала да добие одговор на прашањето како една мала земја станала толку голем противник на најмоќните сили, но и кои се причините за преседанот една суверена држава да биде нападната без одлука на Советот за безбедност на ОН.

Оценувајќи дека Србија „ќе остане верна на традицијата и историјата” и дека „никогаш нема да ги заборави” пријателите кои стоеја со неа во најтешките времиња, при што посебна благодарност им искажа на Русија и Кина, Брнабиќ рече дека Белград ќе развива партнерски односи со оние кои учествуваа во бомбардирањето во 1999 година и ќе гради мостови „со оние со кои ни денес не се разбира“, верувајќи дека ова е единствениот начин за просперитет.

Србија в недела во Ниш ќе го одбележи „Денот на сеќавање на настраданите во НАТО агресијата“, на која е најавено обраќањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и останати претставници на државниот врв.