Извештај на агенцијата за европска граница и крајбрежна стража Фронтекс

Западен Балкан е главната точка за шверц на оружје во Европската Унија, а Албанија се издвојува меѓу граѓаните од регионот по употребата на фалсификувани документи. Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража Фронтекс во годишната анализа на ризикот оценува дека најголем ризик за ЕУ во областа на шверцот со оружје е копнената граница со Западен Балкан.
Во однос на сите граници на Унијата, таму е откриено најголемо количество нелегално оружје, дури 39 отсто, и најголем број евидентирани случаи на шверц на оружје, девет отсто. По Западен Балкан, како ризични точки за шверцување оружје, Фронтекс ги означува границите со Украина, Молдавија и Турција – се наведува во извештајот.
Фронтекс посочува дека преовладува шверцот на релативно мали количества оружје и муниција, главно во патнички возила, и дека оружјето често доаѓа од постконфликтни земји.

Меѓу граѓаните што се во првите редови на фалсификување документи за пристапување во ЕУ, најмногу се Украинците, со 1.521 случај. Албанија е на второто место, со 1.272 случаи. Тие најмногу се обидуваа да стигнат до Велика Британија. На трето место се турските државјани, со 394 лица фатени со лажни документи најчесто на аеродроми – истакнува Фронтекс.
Придружните документи потребни за преминување на границата за време на пандемијата на коронавирус, како што е доказ за регулиран статус на престој, главно се фалсификувани, додека граѓаните на Украина, Албанија, Грузија и Србија најчесто го надминуваат лимитот за легален престој во ЕУ.
Бројот на донесени одлуки за враќање на граѓаните од Западен Балкан во нивните домови е околу 35.000, што е скок за речиси 9.000 во однос на податоците од претходната годишна анализа.
И покрај пандемијата на коронавирус, ЕУ поставува нов рекорд во заплени. Откриени се околу 208 тони хашиш, 24 тони кокаин, 2,5 тони канабис и 177 килограми хероин. Југоисточна Европа и Западен Балкан се идентификувани како главни места за размножување канабис на отворено, а Централна и Западна Европа во затворени простории – се додава во соопштението.
Таму се наведува и дека, според процените на Фронтекс, побарувачката на кокаин расте во ЕУ.