Иако и досега во јавноста беа пласирани информации, најчесто од високи владини функционери за непосредна опасност по животот на претседателот на Србија, овој пат работите отидоа малку подалеку во процените на веројатноста на информацијата, бидејќи изворот на веста е самиот Европол. Според оваа информација, атентатот бил нарачан од Јужна Америка, а егзекуцијата требало да се изврши во првата половина на февруари од снајперист, поранешен воен специјалец, кој, според сознанијата на Европол, претходно извршувал „црни операции“ за мафијата и западните служби!

Доверливи информации дека се подготвува атентат на претседателот Александар Вучиќ добила безбедносно-разузнавачка служба на една земја од ЕУ. Истата таа, веднаш, преку востановена процедура, односно преку Европол, разузнавачките информации ги доставила до српското МВР на 14 јануари 2022 година. Очекувано, безбедносните служби во Србија веднаш ја засилиле безбедноста на претседателот, а речиси сите разузнавачки ресурси се ангажирани за собирање податоци за дејствувањето на групата осомничена за подготовката на атентатот.
Иако и досега во јавноста беа пласирани информации, најчесто од високи владини функционери за непосредна опасност по животот на претседателот, овој пат работите отидоа малку подалеку во процените на веројатноста на информацијата, бидејќи изворот на веста е Европол. Според оваа информација, атентатот бил нарачан од Јужна Америка, а егзекуцијата требало да се изврши во првата половина на февруари од снајперист, поранешен воен специјалец, кој, според сознанијата на Европол, претходно извршувал „црни операции“ за мафијата и западните служби!
Во дојавата се наведуваат голем број податоци – имиња на заговорници, имиња и адреси на параван-фирми што учествувале во набавката и транспортот на оружјето што требало да се искористи за убиството, како и голем број други детални информации за планот за ликвидација на шефот на државата. Според сознанијата на Европол, атентатот на претседателот на Србија директно го наредил водачот на озлогласениот „Кавачки клан“, Радоје Звицер, кој, според разузнавачките податоци, моментално се наоѓа во Јужна Америка, најверојатно во Колумбија. Тој ангажирал поранешен воен специјалец за убиството, и тоа преку посредник.
– Според Европол, атентаторот веќе извршил таканаречени „црни операции“ за мафијата и западните служби. За оваа работа му ветиле хонорар од еден милион долари, плус сите трошоци и логистика. Детално е планирано и негово извлекување од Србија по атентатот и „трајно сместување“ во јужноамериканска држава. Атентатот бил планиран за првата половина на февруари – пренесува изворот од српското МВР за медиумите.

Кртови во обезбедувањето?

Тој додава и дека во информацијата на европската полиција се споменуваат и имиња на двајца високопозиционирани политичари од регионот.
– Тие двајца во најмала рака знаеле сѐ, а можно е и активно да учествувале во планирањето на убиството на Вучиќ – прецизира изворот од истрагата.
Разузнавачките податоци покажуваат дека атентаторите планирале напад врз Вучиќ на јавен собир, но имале и разработен план да ја пресретнат колоната на Вучиќ, да предизвикаат сообраќајна несреќа и со тоа да го направат претседателот лесна цел за итна ликвидација.
Членот на Светската асоцијација на шефови на полиција, Марко Ницовиќ, објаснува дека за подготовка на таков атентат биле неопходни упатени лица од разузнавачкиот дел на заштитата на претседателот.
– Тоа е третиот безбедносен прстен, кој се состои од разузнавање и контраразузнавање. Истрагата мора да се фокусира на кртови од тие редови. Главно овие внатрешни лица се комбинираат, така што треба да имате ваши луѓе во средниот и горниот слој на тој апарат ако сакате да го знаете движењето на толку високо рангирана личност, но и опсегот и карактерот на заштитата на таа личност – забележува Ницовиќ.

Разгранета мрежа

Досега достапните информации укажуваат дека снајперистот, кој требало да пристигне низ територијата на Босна и Херцеговина и да го застрела српскиот претседател Александар Вучиќ, обезбедил логистика во Белград во луѓе блиски до криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, чиј ментор и организатор на атентатот, Радоје Звицер, е во бегство.
– Имаме оперативни информации, кои се проверуваат, дека Звицер преку посредник стапил во контакт со најмалку двајца снајперисти за да се увери во исполнувањето на крвавиот план. Има индиции дека има целосна поддршка од луѓе од самиот врв на црногорската држава, од полицијата, како и од АНБ, да ја дестабилизира Србија со физички смена на српскиот претседател. Дури го снабдуваат со разузнавачки информации и им помагаат нему и на другите да се скријат низ светот – вели извор од безбедносните структури.
Еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ, во понеделникот откри дека „извесен Срѓан Марковиќ од Црна Гора, кој моментално се наоѓа во Америка“, е еден од седумтемина осомничени вклучени во најавената криминална акција.
Тврдењето на црногорското обвинителство дека преку пристаништето во Бар се шверцувале најмалку три тони кокаин во последните шест месеци, „благодарение“ на припадниците на АНБ, кои ги затвориле очите, е директно поврзано со „бизнисот“ на Радоје Звицер и неговите соработници. Дрогата завршила на црниот пазар во Западна Европа.
Според оперативните информации, Звицер последен пат бил лоциран на територијата на Јужна Америка. Другите членови на кланот, кои избегнале апсење благодарение на извештаите на црногорските служби, се кријат во Шпанија, Холандија, но и во земјите од регионот. На територијата на Србија за нивната логистика се грижат луѓе блиски на Беливук и Миљковиќ, кои сѐ уште се на слобода.
– Оперативните информации велат дека „сигурната куќа“ за снајперистот во Белград е веќе подготвена. За тоа се погрижија луѓето на Беливук. Еден од нив, П.О. се грижи за сè. Тој е контактот помеѓу Беливук и Звицер. Информациите најчесто се разменуваат преку адвокатите, кои ги посетуваат во притвор, и Беливук и Миљковиќ. Познат е целиот синџир на комуникација и како сѐ оди од уста на уста – наведува изворот.
Според досега собраните информации, снајперот со кој требало да биде убиен Вучиќ, во Србија ќе стигнел преку легални патишта, од делови и со придружната документација. Европол го информирало српското МВР и дека оружјето за атентатот е купено во Словачка. Станува збор за најмодерен снајпер со голем дострел и разорна моќ, а во Србија требало да влезе преку Унгарија и Бугарија.