Фото: Принт-скрин

Холандската влада им се извини на илјадници свои поранешни војници испратени да ја бранат Сребреница за време на војната во БиХ. Премиерот на Холандија Марк Руте вчера изјави дека војниците не биле опремени за да го спречат масакрот и дека им била дадена „невозможна задача“.

Во претходните години, холандските власти инсистираа дека Обединетите нации се виновни што не обезбедиле воздушна поддршка. Но, зборувајќи со воените ветерани во база во централна Холандија, премиерот Руте ги прифати нивните тврдења дека имале проблеми затоа што „нивниот мандат, нивната опрема и воената поддршка за време на мисијата биле несоодветни“ и тоа го оневозможи извршувањето на задачата.

– Денеска се извинувам во име на холандската Влада на сите жени и мажи од Третиот баталјон. Ви се извинувам на сите вас овде, како и на оние кои не се денес овде. Со најголема можна почит и уважување за начинот на кој баталјонот продолжи да се труди да ја направи вистинската работа, во многу тешки околности, дури и кога тоа веќе навистина не беше можно – им рече Руте на ветераните.

Во јули 1995 година, илјадници Бошњаци избегаа во Сребреница, која беше безбедносна зона на ОН. Баталјон холандски војници со лесно оружје го бранеше градот и не можеа да се спротивстават на напредувањето на војската на Република Српска.

Откако ги принуди холандските сили да се предадат, војската на босанските Срби, под контрола на генералот Ратко Младиќ, ги раздвои мажите и момчињата на возраст од 12 до 77 години. Во текот на следните пет дена, се проценува дека голем дел од нив беа егзекутирани и закопани во масовни гробници.

Државата Србија негираше дека убиствата биле дел од планот за геноцид, но прифати дека е извршено злосторство.

Извинувањето на Руте дојде една година по објавувањето на извештајот кој содржи препораки за тоа како да се поддржат членовите на баталјоните кои се борат со посттрауматско стресно нарушување.

Во 2019 година, холандскиот Врховен суд пресуди дека Холандија е делумно одговорна за смртта на околу 350 мажи во масакрот во Сребреница, бидејќи тие мажи биле префрлени од нивната база и покрај тоа што знаеле дека се во сериозна опасност да бидат мачени или убиени од српските сили.