Косовската полиција конфискува 91 килограм марихуана во акција спроведена синоќа во селото Конушевц, во близина на Подујево, при што уапси едно лице, а ја продолжува потрагата по уште тројца други осомничени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на полицискиот оддел за борба против дрогата, Решат Мурсели попладнево на прес-конференција изјави дека запленетата дрога во Косово е внесена од Албанија, а била наменета првично за соседните земји, а потоа за европските држави.

Мурсели информира дека при акцијата, која била подготвувана подолго време по претходно прибрани оперативни податоци, полесно бил повреден еден полицаец, а од страна на припадниците на полицијата биле испукани два куршуми, од кои не настрадал никој.

– Осомничените не ја испочитуваа наредбата на полицијата да запрат, туку го зголемија интензитетот на нивното движење со возилото, при што предизвикаа судир, нанесувајќи лесни повреди на еден истражител и предизвикувајќи материјална штета на полициското возило… Сомнителното возило со германски таблички се запре околу 200 до 300 метра од местото на настанот, а осомничените излегоа од него и успеаја да побегнат. При контрола на возилото на лице место, полицијата откри и конфискува 36 пакувања со наркотична супстанца, со вкупна тежина од 91 килограм – изјави Муресели.

По извршениот претрес во неколку куќи за кои постојат сомневања дека осомничените ги користеле за нелегалната трговија со дрога, уапсено е едно лице, додека по тројца други е распишана потерница.