фото: Принтскрин

Во Црна Гора е тридневна жалост поради масакрот во Цетиње каде вчера беа убиени 11 лица, меѓу кои и напаѓачот.

Согласно одлуката која црногорската влада ја донесе синоќа, денови на жалост се сабота, недела и понеделник, 13, 14 и 15 август. По повод тридневната жалост знамињата ќе бидат спуштени на половина копје на сите згради на државните органи и зградите на органите на локалната самоуправа и јавните институции.

На ден на жалост нема да се одржуваат јавни, културно-забавни програми на јавни места, а музика нема да се пушта во угостителските објекти. Електронските и другите медиуми се должни да ја приспособат својата програмска содржина за да го одбележат денот на жалост.

Осумгодишно и единаесетгодишно дете меѓу загинатите во Цетиње

– Поради невидениот трагичен настан, што резултираше со загуба на животи на црногорски граѓани, Владата донесе одлука да прогласи тридневна жалост на територијата на цела држава Црна Гора – се наведува во образложението на одлуката.

Во населбата Медовина во Цетиње, 34-годишен маж отвори оган врз сограѓани и уби 10 лица меѓу кои и две деца, додека шестмина се ранети. Напаѓачот пукал и кон полицијата, а во пресметката бил убиен од сограѓанин.

На трагедијата и претходела семејна расправија.