Стратегискиот фокус на САД во Европа сега можеби е на конфликтот во Украина, но, сепак, очекуваат ЕУ да постигне напредок во интеграцијата со Западен Балкан (иако нема средства за притисок врз земјите-членки во оваа област). Ако конфликтот конечно не ја убеди ЕУ да го интегрира регионот во евроатлантската заедница, тогаш не е јасно што ќе може

Редефинирање на политиките на ЕУ во однос на земјите од Западен Балкан со замешателство На САД

Прашањето за проширување на Европската Унија (ЕУ) во однос на земјите од Западен Балкан во Брисел добива ознака „приоритетно“, во зависност од моментот и од распоредот на фигурите на големата геостратегиска табла. И покрај неуспешната офанзива на Франција на крајот од своето претседателство и најавите на Чешка на почетокот од својот мандат, според кои регионов не се ни спомнува, сепак Брисел нема толку лесно да ги остави случувањата на Западен Балкан без соодветна интервенција и за свој интерес.
Впрочем, за ваквото расположение во седиштето на европските институции зборуваат и многубројните анализи и коментари објавени деновиве од угледни новинари и аналитичари. Една од последните анализи во тој правец е онаа на страниците на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), во која главната теза е дека ЕУ ја преиспитува геополитиката во нејзиното соседство. Додека земјите-членки разговараат за ова прашање, тие треба да запомнат дека проширувањето е процес што најдобро одговара за решавање на многу од предизвиците со кои се соочуваат и за градење на политичкото и безбедносното влијание на ЕУ во блиските земји. Сепак, неодамнешните барања за членство во ЕУ од Украина, Грузија и Молдавија отворија прашања за времетраењето и одржливоста на процесот, во кој земјите од Западен Балкан беа вклучени од раните 2000-ти, како и потребата за визионерски, но, сепак, реален пристап кон него. Исто така, постои постојана контроверзија за внатрешната реформа на ЕУ, не само за да се продлабочи процесот на проширување туку и самите реформи во Унијата, се вели во анализата.
Европскиот совет на 24 јуни се согласи Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус, додека барањето на Грузија ќе биде повторно разгледано во одреден момент во иднина. За земјите од Западен Балкан што бараат членство во ЕУ, неговите заклучоци во најдобар случај беа разочарувачки. Тој уште еднаш потклекна на барањата на Европската комисија, не обврзувајќи се да ги отвори пристапните преговори со Албанија и Македонија, главно поради билатералните несогласувања меѓу Скопје и Софија. Советот побара од Косово и од Србија „итно“ да најдат решение за нивните тековни спорови и ја повика Босна и Херцеговина „итно да ги финализира уставните и изборните реформи“ како услов за повторно разгледување на апликацијата на земјата за членство во ЕУ во 2016 година, додека Турција или Црна Гора воопшто не беа споменати. Сепак, ова беше симболичен чекор во вистинската насока за ЕУ, но и многу политизирана одлука во нејзините обиди да стане геополитички играч.

Геополитички калкулации и во Европскиот совет

Како што истакна неодамна поранешниот германски заменик-канцелар Јошка Фишер, „Европа мора да прифати дека живее во опасно соседство“. Оваа изјава се однесува не само на Истокот туку и на Југот. Иако ЕУ додели кандидатски статус за две земји што се вклучени во територијални спорови со Русија, тоа не мора да значи дека е подготвена да биде наметлив геополитички актер или дека има јасна визија за тоа како да изгради нов меѓународен поредок (дури и на својот континент). За да се осигури дека проширувањето ќе остане ефикасен инструмент во време на засилена конкуренција меѓу големите сили, ЕУ ќе треба разумно да управува со разочараноста на нејзиниот исток и на Западен Балкан. Сепак, тешко е да се замисли дека таквото управување ќе биде можно со сегашната внатрешна поставеност на ЕУ, која бара консензус меѓу сите 27 земји-членки за надворешнополитичките одлуки. Ова е дел од причината зошто процесот на проширување изгуби голем дел од својата популарност во Западен Балкан. Внатрешната структура на ЕУ, неодамна, ѝ дозволи на Бугарија да стави вето на преговорите за пристап на Албанија и Македонија. Доколку блокот не ги реши овие проблеми, ќе биде принуден да се бори со растечките политички и безбедносни ризици во нејзиното јужно соседство, како и со долгогодишно скапо управување со кризи и губење влијание таму.

Проширување на ЕУ и политиката кон Русија

Иднината на политиката за проширување на ЕУ ќе зависи и од исходот на украинскиот конфликт. Затоа, оваа политика треба да се усогласи со европските напори за одвраќање на Русија. Ако Украина успее да ги истисне руските сили од својата територија, тоа ќе има последици за безбедноста на Западен Балкан. Тоа би влијаело на положбата на Милорад Додик, кој ја води Република Српска, еден од ентитетите што ја сочинуваат Босна и Херцеговина. Српскиот претседател Александар Вучиќ често ги штитеше руските интереси во Европа. Вучиќ инсистира дека врските на Србија со Русија се од клучно значење за нејзината национална безбедност, во однос на руското вето за признавањето на Косово во ООН. Ако Русија победи во конфликтот, тоа би можело да ги загрози државноста на Косово и суверенитетот на Босна и Херцеговина, се додава во анализата.

Трансатлантска соработка

Ако ЕУ сака да ги повлече земјите од нејзиното соседство од руската орбита, ќе ѝ треба поддршка од САД. Вашингтон традиционално внимава на политичката и безбедносната стабилност во соседството, особено на Балканот. Под власта на администрацијата на претседателот Џо Бајден, ЕУ и САД беа усогласени во нивната политика за Балканот, дури и ако имаше мал напредок во консолидацијата на демократијата, економскиот развој или решавањето на билатералните спорови во регионот во последниве години. Вашингтон ги поддржува балканските земји билатерално во многу области. На пример, тој се обиде да ја убеди Софија да го повлече своето вето за пристапувањето на Македонија, започна стратегиски дијалог со Скопје и продолжи да ги поддржува напорите на ЕУ за олеснување на дијалогот Косово – Србија.
Стратегискиот фокус на САД во Европа сега можеби е на конфликтот во Украина, но, сепак, очекуваат ЕУ да постигне напредок во интеграцијата со Западен Балкан (иако нема средства за притисок врз земјите-членки во оваа област). Ако конфликтот конечно не ја убеди ЕУ да го интегрира регионот во евроатлантската заедница, тогаш не е јасно што ќе може, се вели во анализата на ЕЦФР.

Подготвил: Марјан Велевски