Фото: Принт-скрин

Сведоштво по експлозијата во рудникот Соко

Жителите на Сокобања се вознемирени по експлозијата во рудникот Соко во која рано утринава осуммина ги загубија животите, а над 20 рудари се повредени, според првичните информации, како што пренесуваат српските медиуми. Несреќата наводно се случила на длабочина од 600 метри, при што на смена тогаш биле 49 вработени.

Во рудникот Соко во близина на Сокобања се случи експлозија на метан од која се урна дел од јамата, а рударите останаа заробени. Според првите информации загинати се осум лица, а над 20 рудари се повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

– В зори почнаа да одекуваат сирените на брзата помош и полицијата, веднаш знаевме дека нешто тргнало по зло. Сите сме многу вознемирени, семејствата на рударите се собираат околу здравствениот дом во Сокобања, стравувајќи се распрашуваат за своите најблиски – вели жител на Сокобања во изјава за српските медиуми, нагласувајќи дека не ја слушнал експлозијата, бидејќи живее во дел од градот кој е оддалечен 15 километри од рудникот.

Од рудникот досега се извлечени 65 рудари, од кои 18 се хоспитализирани.

Според информациите од полицијата во Зајечар, бројни полициски екипи се на терен, а истрагата е во тек, соопштија српските медиуми.

Српските медиуми истакнуваат дека во рудникот Соко и претходно се случувале несреќи, при што најтешката е забележана во 1998 година во која загинале 29 рудари.