Граѓанското движење УРА, чиј претседател е Дритан Абазовиќ, мандатар за состав на новата црногорска Влада, денеска соопшти дека лидерот на Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ и неговата партија повикуваат на ескалација и немири, пренесе МИА.

Како што наведува УРА во соопштението, со таквиот пристап тие свесно предизвикуваат паника кај граѓаните, со цел да ги зголемат своите „ намалени протести, кои граѓаните ги препознаа како чиста борба за фотелји – пренесе РТЦГ.

Бечиќ вчера изјави дека номинирањето на Абазовиќ за мандатар за состав на новата влада е класичен уставен удар, бидејќи волјата на граѓаните, како што кажа, не била оние кои изгубија на изборите да се вратат на власт без избори.

Притоа тој ги повика граѓаните на уште помасовни протести кои, како што рече, ќе продолжат да бидат мирни, граѓански и достоинствени. Бечиќ за денеска најави протест во Бар, а во недела во 18 часот во Подгорица.

– Во овој специфичен и предизвикувачки геополитички момент, на Црна Гора и треба мир и стабилност, а не предизвикување паника кај граѓаните и повикување на улица. Не разбираме дека во моментот кога имаме воени настани во Украина, некој во Црна Гора повикува на ескалација и какви било немири – наведува УРА.