Фото: Твитер/Стејт департмент

Портпаролот на Стејт департментот денеска оцени дека Косово и Србија се суверени земји кои имаат право сами да си ги одредуваат надворешно политичките приоритети, јави дописникот на МИА од Белград.

Стејт департментот во кус одговор на прашање на „Гласот на Америка“, по повод изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека барањето на Приштина за влез во Советот на Европа ги прекршува одредбите од Вашингтонскиот договор, соопшти дека „мораториумот е дизајниран да се прошири просторот за разговор и компромис меѓу Косово и Србија, што веруваме дека е стратешки интерес на двете земји“.

Дел од Вашингтонскиот договор беше едногодишниот мораториум на Косово да се воздржува од аплицирање за членство во меѓународните организации, а Србија да се воздржува од дипломатска кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово.

Мораториумот истече на 4 септември 2021 година.

– Сè уште веруваме дека дијалогот за нормализација на односите, под покровителство на Европската Унија, е клучен за двете земји да ја отклучат својата европска иднина. Повикуваме на нивно итно, флексибилно и сериозно учество во тој процес – се додава во одговорот на Стејт департментот.

Откако косовската министерка Доника Гервала-Шварц поднесе официјално барање за членство на Косово во Советот на Европа, претседателот Вучиќ изјави дека Приштина брутално го погазила Вашингтонскиот договор. Тој за денеска на оваа тема свика седница на Советот за национална безбедност.