Фото: Министерство за одбрана на Кина / Архива

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев за вооружувањето на северниот сосед

Снабдувањето на Србија со кинескиот ракетен систем ФК-3 предизвика загриженост за безбедноста во регионот, а наиде и на предупредувања од ЕУ во поглед на евроинтеграциите на Белград, додека српскиот претседател Александар Вучиќ е категоричен оти вооружувањето е легитимно и со цел да ѝ овозможи на државата да го чува своето небо.

– Ако тргнеме од фактот дека Србија се гледа себеси како неутрална држава, ваквиот потег би требало да е нормален. Како не-НАТО земја, Србија нема обврска да влегува во сојузи или да следи политика и стандарди кои ги припишува Алијансата. Врз основа на безбедносно-оперативната проценка Србија донела суверена одлука за тоа како ќе го чува своето небо. Ако пресликате што се случувало со поранешна Југославија која беше неврзана земја, ќе добиете иста слика – смета универзитетскиот професор од областа на безбедноста, Методи Хаџи-Јанев.

Методи Хаџи-Јанев е професор на Воената академија во Скопје, Правниот факултет во Штип и на Државниот универзитет во Аризона, САД – Фото: Игор Бансколиев

Вооружувањето на Србија беше критикувано од властите во Црна Гора и на Косово, чии лидери порачаа оти Србија купува оружје од држави кои се сметаат за „отворени непријатели на Европа и на НАТО“. На ваквите изјави реагираше остро реагираше Вучиќ обвинувајќи ги црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и косовскиот премиер Албин Курти дека „шират омраза спрема Србија“.

Србија тајно се снабди со современ кинески ракетен систем „пред носот“ на НАТО?

– Како ги загрозуваме со дефанзивно оружје, не се во состојба да кажат. Бидејќи тоа е систем што служи за одбрана од крстосувачки ракети и авиони што би го нарушиле воздушниот простор на Србија. Како ги загрозуваме Приштина и Подгорица? Какви воздушни сили поседуваат тие, подобро ќе ни беше да купевме спреј „Аутан“ (се користи за заштита против комарци – н.з.) – порача српскиот претседател, а пренесоа српските медиуми.

Вучиќ ја бранеше спогодбата за снабдување со ракетите потпишана во 2019 година, заедно со договорот за купување на кинески вооружени дронови, истакнувајќи дека е „легитимна, потполно регуларна и транспарентна“. Српскиот лидер нагласи дека оружјата ќе бидат употребени за одбрана на државата против „крстосувачки ракети и авиони во случај на нарушување на српскиот воздушен простор“. Тој најави дека српските граѓани в сабота ќе можат првпат да го видат кинескиот ракетен систем ФК-3 во пар со рускиот систем за противвоздушна одбрана „Панцир“, како и оти Србија наскоро ќе ги промени стратегиските акти поврзани со одбраната, со цел за зајакнување на војската за сама да може да го чува своето небо.

– Контроверзноста околу зделката на Србија за купување на кинеските ракети создаде загриженост за проекциите на кинеската воена моќ, како и во поглед на локалните тензии, според аналитичарите. Иако Србија има амбиции за приклучување на Европската Унија, нејзината блискост со Русија и со Кина предизвика загриженост во Европа, додека тензиите од распадот на СФР Југославија и натаму се присутни на Балканот – пишува кинескиот весник „Саут чајна морнинг пост“.

Набавката на „Рафалите“ го става на тест балансирањето на Србија помеѓу Русија и Западот

Истовремено Германија порача дека очекува Србија да се конформира со надворешната и безбедносната политика на ЕУ ако сака да стане членка на европскиот блок.

Кина извезува ракетни системи уште од 60-те години на минатиот век. Според податоците на Меѓународниот институт за политички истражувања во Стокхолм (СИПРИ), Кина досега продаде ракетни системи на речиси 50 држави. М.Ж.